„Настан на месецот: дојде Свети Никола, заминува неосветен Зоран Заев. Првиот познат светец во целиот христијански свет, вториот загубен во европските лавиринти. И покрај тоа што неколку години глумеше дека е Свети Никола, или Дедо Мраз што ќе донесе подароци од европските престолнини, се покажа дека Заев залудно тргувал. – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна „Свети Никола, Европа и ние“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Колемишевски пишува: „ Од човек со стотина формални функции, Заев ги изгуби двете најважни – претседател на Социјалдемократскиот сојуз и претседател на Владата на ‘Република северна’. При заминувањето неговата измислена ‘северна Македонија’, која никогаш не го носела името Јужна, ја остави замрзната во поларните предели на европските канцеларии. Во реална Македонија нема да стигнат до Нова година очекуваните златни кочии што ги влечат ирваси, нема новогодишни подароци, елката остана без лампиони и ѕвон, ѕвон, ѕвончиња. И без ѕвезда на врвот.“
„Свети Никола е ликот на новиот модерен Дедо Мраз, кој носи подароци за Нова година. Во западниот свет, во земјите на Западна Европа се празнува како детски празник, слики од филмови во кои гледаме како децата возбудено чекаат што ќе им остави Свети Никола во шарените чорапчиња или новите чизмички. Македонските чизмички и годинава висат празни. Нема подароци во облик на европски интеграции, меѓувладини конференции, почеток на преговори, брз прием во ЕУ. Тука не помогнаа ниту свети Заев, ниту несвети Бујар Османи, ниту потемнет Владо Бучковски. Ниту едно нивно пророштво не се оствари. Пропаднаа во црна дупка.“
„Се случи астрономски феномен. Не светна сонцето што чекавме да изгрее од Запад. Пак зајде на Исток од географска Република Северна Македонија, зад Пирин Планина.“ – вели Колемишевски во својата колумна, покрај другото.
Интернет – врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/%d1%81%d0%b2%d0%b5%d1%82%d0%b8-%d0%bd%d0%b8%d0%ba%d0%be%d0%bb%d0%b0-%d0%b5%d0%b2%d1%80%d0%be%d0%bf%d0%b0-%d0%b8-%d0%bd%d0%b8%d0%b5/





