„Последниве месеци од преговорите со Бугарија и ‘францускиот предлог’ покажаа три непобитни факти. Првиот е што власта во с.Македонија не покажа државотворен и национален капацитет, вториот дека е силен домашниот антимакедонизам, а третиот дека на политичката сцена владеат разни манипулатори.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Држава без државен капацитет“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Колемишевски пишува, покрај другото: „Токму овој период покажа дека Македонија не се стекна со политички и кадровски државотворен капацитет најсоодветно да одговори на предизвиците на новото време, на новиот распоред на силите во Европа и на Балканот. Членството во НАТО, и покрај сите фалби и очекувања, не ја помрдна државата ниту за еден метар нагоре или кон подобро. Во ниту еден дел на економијата и стандардот, во спроведување на правото или во кревање на некој повисок степен на демократијата не се подобрени ниту ставовите ниту реалноста. И не го запре криминалот во највисоките политички кругови.“
„По распадот на комунизмот и Источниот блок, во сите ‘новоослободени’ земји зајакнаа националните идентитети. Тие народи, Полска, Чешка, Словачка, балтичките земји, Словенија, Хрватска, Романија, Бугарија, си ги вратија старите истории, химни, грбови и знамиња, брзо и речиси безболно не само што преминаа од еден во друг систем туку влегоа во забрзан развој. Станаа членки на НАТО и ЕУ, ја зголемија безбедноста, станаа подемократски и, што е најважно, станаа економски, социјално и културно побогати.“
„Само Македонија, и по триесетина години независност, сѐ уште се бара себеси. Само македонскиот народ, единствен во Европа, сѐ уште не е национално признаен и дефинитивно потврден. Само нему му се оспорува историската автентичност. Му се оспори и одзеде името во спорот со Грција. Сега, а не се знае до кога, му се оспоруваат јазикот и писмото, а со самото тоа и идентитетот. Македонскиот народ во овие триесет години наместо да напредува, дојде до степен да биде ставен на нова историска крстосница.“
„Ја нема докрај разјаснето формулата која ќе биде иднината, без разлика дали ќе почне или нема да почне процесот на преговори со Европската Унија по францускиот предлог. Што и да се случи, да се прифати или да се одбие, безмалку е исто, загубата е неизбежна. Неизвесноста продолжува. Остануваат во сила сите вета и уцени. Нема клучна потврда за идентитетот, за името на јазикот и писмото, како и за ословувањето на Македонците.“
“





