Трите месеци што ја потресоа Македонија во 2016 година кога се одвиваше Шарената револуција, а целта беше да падне криминогената и компромитирана власт и да дојде нова, вклучувајќи и употреба на сила, ако дојде до таков момент, ќе остане запишана во аналите како уште една штетна братоубиствена пресметка меѓу Македонците, пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за „Нова Македонија“ насловена „Шарени револуционери – засрамете се!
(…)
„Денес, седум години подоцна, Шарената ги исфрли на светлото на денот сите негативни последици по државата и по македонскиот народ. По Шарената, Република Македонија влезе во нов неизвесен историско-политички и општествен циклус, чиј пад не може да се запре.
Оттогаш, со инсталирањето на наметната власт, државата со свој меч си ја пресече главата на името, ја врати историјата сто години наназад, ја отвори Пандорината кутија на македонското национално прашање, преку договорите со Грција и Бугарија ги загрози и ги доведе во прашање идентитетот, историјата, јазикот, писмото и културното наследство на Македонците во сопствената држава.



Се воспостави покорумпирана и понеморална власт од претходната на сите нивоа – во извршната, во законодавната и во судската“, пишува Колемишевски.

Според него, единствена државна, не и национална, компензација е приемот во НАТО.

„Но, за овие три години, најверојатно и поради војната во Украина, таа компензација не се покажа, барем досега, ефикасна, ефективна и исплатлива. НАТО е тука, ние сме во НАТО, но и натаму сме надвор од ЕУ. Наместо да се чувствуваат побезбедно, мнозинството граѓани се посиромашни, поуплашени, понезадоволни од својот статус во општеството и од својот живот. Патлиџаните и натаму се скапи, пиперките уште поскапи.

Што е суштината? Оние „шефови“ што ја смислија и спроведоа Шарената, истите тие, ја предадоа. Неа не ја претворија во пепел оние што маршираа од најчесни побуди, оние што слепо веруваа на зборовите на тогашните говорници.

Водачите ги зазедоа престолите, станаа дупло побогати од предреволуционерниот период, заборавија на сѐ што кажаа, излижаа каде што поплукаа“, вели Колемишевски.

„Шарената е фактички поништена, означен е нејзиниот дефинитивен несреќен крај со донeсувањето на законот за намалување на казните и законите за амнестија. Блиску е денот кога со државен акт криминалците ќе бидат прогласени за јунаци, арамиите за чесни, затворниците за невини, невините за злосторници.

Со овие постапки, новоинсталираната власт му заби нож во грбот на секој чесен учесник во шарениот марш, речиси сите такви ги прогласи за наивни и глупави.

Затоа некој треба да се извини, да се покае за сторените измами, злоупотреби и за свесното и намерно доведување во заблуда на граѓанската свест на илјадници луѓе сторени за лична корист, а на државна и национална штета“, заклучува Колемишевски.