„Колемишевски: „Наспроти македонските стремежи за создавање своја држава, царска Русија беше за делење на Македонија“

„Историјата покажува дека секогаш кога руската мечка го помрднувала само едното уво се треселе сите соседи, а кога мавтала со двете се тресела цела Европа. Инвазијата на Русија врз Украина како светски настан број еден не останува без одек во Македонија. Еден од чинителите што се појавија како изненадување на почетокот на војната е резултатот на објавената анкета дека значителен дел дел Македонци, наспроти светското мислење, ја поддржуваат руската политика.“ – вели Панде Колемишевски во својата анализа со наслов „Стара Русија и балканските народи“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Колемишевски пишува: „Не толку одамна речиси во сите анкети како најпопуларни политичари беа истакнувани турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и рускиот Владимир Путин. Се појавија низа коментари и објаснувања од каде произлегува таквото проруско расположение меѓу македонските граѓани токму во време кога државата Македонија е веќе членка на НАТО и мака мачи да се приклучи кон Европската Унија. Но, што покажуваат печатените документи, што кажува науката, што зборуваат фактите за влијанието на рускиот фактор, особено за Македонија и Македонците, кои руската наука и политика ги смета за Словени?’



„Наспроти македонските стремежи за создавање сопствена држава, тогашна царска Русија планирала и настојувала Македонија и нејзиниот народ да ги подели или да ги приклучи кон една балканска држава. Тие настојувања се јавиле уште од крајот на 18 век и траеле сѐ до поделбата меѓу Србија, Бугарија и Грција. Русија, во својата балканска политика, најпрво, Македонија ја вклопуваше во нејзиниот проект за голема Грција, потоа, до 1870 година, во проектот на голема Србија – од Дунав до Места – а по 1870 година во голема (Санстефанска) Бугарија. На крајот, разочарана од неблагодарноста на владите на тие државички и соочена со противењето од другите европски сили; соочена со нереалноста на тие проекти, Русија зазема радикално поинаков курс – курс кон делење на географска и етничка Македонија во корист на балканските држави (на Србија, Бугарија и Грција).“

„Како дефинитивна потврда е и ставот на Русија, која силно го поттикнувала и поддржала Букурешкиот договор од 1913 година, кога географска Македонија е поделена на три дела. Уште во 1897 година, Русија склучила тајна спогодба со Австро-Унгарија, тогаш важен фактор на Балканот, со која се договориле на полуостровот да се создаде уште само една држава – Албанија.“

„Грофот Ламбсдорф, министер за надворешни работи на Русија, се договорил со Австро-Унгарија и со Франција да не се употребува името Македонија, кое асоцирало на политичка единица, туку, наместо Македонија, да се употребува терминот „‘трите турски вилаети’ – Солунски, Битолски и Скопски, и тоа да важи за секаква употреба и за другите европски држави. И да не се употребува името Македонци туку описниот термин ‘христијанско население на трите турски вилаети.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/stara-rusija-i-balkanskite-narodi/