Како поттик за отворање нова дискусија за националната припадност во политичките врвови деновиве е протнат пробен балон преку навидум наивното прашање дали е можно Турчин да биде на чело на СДСМ, а особено на ВМРО-ДПМНЕ, двете најголеми партии од македонскиот политички блок.



Ова стана актуелно и на овие простори по изборот на Риши Сунак за премиер на Обединетото Кралство, кој по потекло е Индиец, и на Хамза Јусеф, новоизбран премиер на Шкотска, Пакистанец по род.
Во некои домашни кругови нивните именувања се наведуваат како позитивен пример за можностите на помалите национални заедници што може да се примени и во Македонија.

Тоа би значело да се избере премиер Албанец (македонски Албанец) без никакви национални, рационални, верски и други предрасуди, пишува новинарот Панде Колемишевски за Нова Македонија.

Колку уфрлувањето на „Турчинот“ во овој меѓунационален комплекс може да биде општествен амортизер, исто толку може да предизвика нови бранувања што би ја покажале кревката зрелост на македонското „едно општество за сите“.

Како противтежа или како рамнотежа на погорните дилеми нужно е да се постави прашањето: Ако може Албанец од ДУИ да ја води Владата, зошто на чело на ДУИ да не може да биде Македонец по род и националност?

Може ли да се случи и такво чудо, меѓу многуте чуда во шарениот политичкиот живот на Македонија?

Најголемата и најмоќна албанска партија е со полна уста за мултиетничко општество, за граѓанска демократија, за меѓунационален мир и разбирање, но партијата е строго еднонационална.

Таа за овие две децении има изградено цврсти бедеми со затворен (забранет) влез за која било друга етничка припадност во нејзиниот замок чуван од надворешни погледи и влијанија.

Од националната и верска партиска мултиетничност, ДУИ бега како ѓавол од крст“, пишува Колемишевски.