(…)



Веќе неколку години празникот 11 Октомври се одбележува под називот „Денот на народното востание“.

Ја нема придавката со која се објаснува чие е тоа народно востание.

Може да биде на Бугарите, на Србите, на Грците, на Власите, на кој било народ на планетата земја. И на Хутите и Тутсите и на кое било поголемо племе во џунглата, иако племето не е народ.
Не најдов сили и начин да проверам од кога при одбележувањето на тој славен ден во македонската историја им е избришано името на тој народ и на земјата, територијата на тој народ, пишува новинарот Панде Колемишевски во колумна за Нова Македонија.

„Не сум сигурен – пишува авторот – а и не верувам дека тој анационален трик е изведен во времето на првото СДСМ.
Не можам да тврдам дека е тоа направено во времето на ВМРО-ДПМНЕ на Љупчо Георгиевски или на Никола Груевски, доба кога нивната партија ја омаловажуваше и се обидуваше да ја фалсификува историската борба на македонскиот народ за своја слобода и своја држава во Втората светска војна.

Може да се сомневам, но немам доказ дека е тоа од времето на одродениот СДСМ, од времето на Зоран Заев кога тој и партијата бесрамно, на тацна, ги предадоа во бугарски раце идеалите на генерации и придобивките на македонскиот народ, извојувани низ крв и борба.

Можеби сум пропуштил, но не исклучувам дека атентатот врз придавката е извршен по склучувањето и стапувањето во сила на Охридскиот рамковен договор, по кој Македонците го изгубија приматот во земјата во која се мнозинство и кои мнозински учествуваа во Втората светска војна.

Оттогаш нема народи туку има граѓани. Но би било крајно глупаво востанието да се одбележува под име „на граѓанското востание“. Плус да се додава дека е тоа востание на граѓаните на Северна Македонија, која тогаш била далеку во вселената во форма на неразвиен сперматозоид.

Но, кој и да бил, кога и да било, забележливо е дека и при последното, годинашно одбележување на празникот во официјалното именување на востанието изостанува клучниот елемент – чие е и кој го кренал тоа востание.

Дали е тоа востание на некој познат, признаен и жив народ или на некој мртов, одамна исчезнат по кој треба да се трага на буништето на историјата“, пишува Колемишевски.