Колемишевски: Ако се отфрли „НЕ“ на Македонците за Бугарите во Уставот, ќе уследи драма „Владата против народот – народот против Владата“!

„Ако се анализираат сите аспекти и ставови, што се за и против уставните измени, јасно ќе се види дека мнозинството граѓани се против. Според релевантни анкети, уставните измени се неприфатливи дури за 80 отсто од Македонците, односно за 65 отсто од сите граѓани. Исто така, 59 отсто од симпатизерите на СДСМ се против вметнување на Бугарите во Уставот. Ако и натаму се гледа со презир кон мнозинските ставови, би се одвивала можна политичка драма под наслов „Владата против народот – народот против Владата!“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Бугарите во Уставот – ДА или НЕ?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, Колемишевски пишува: Некои од Владата даваат изјави дека нив не ги интересира мислењето на големото мнозинство од народот, туку нивното лидерско, лично. Ако и натаму се гледа со презир кон мнозинските ставови, би се одвивала можна политичка драма под наслов „Владата против народот – народот против Владата!“ Слично може да се каже и за пратениците во Собранието. Гласајќи за такви промени, народните пратеници не би ги застапувале интересите на своите изборни единици, би ги изневериле своите гласачи, би застанале на спротивна страна од мнозинство на својот народ.

Не е национализам, ако отворено се говори дека најавените измени во Преамбулата на Уставот, со кои Бугарите би биле запишани како конститутивен народ ги засегаат исклучиво позициите на македонскиот народ во сопствената држава. Другите делови од народи, што живеат во Македонија немаат никаква допирна точка, најмалку национална. Албанците од таквата промена може да имаат идна историска корист, никако штета. Оштетени може да бидат само Македонците. Ним дополнително им се стеснува националниот, политичкиот, социјалниот и кадровскиот простор во строго партизираната и национално поделената држава, а ќе подлежат и на други национални негативни последици.

Постои мислење, што го пропагираат политичарите-застапници на отстапките дека запишувањето на Бугарите е само едноставно и техничко прашање, кое немало да се одрази врз општите односи во државата. Дека нема никаков проблем кон делови од народите наведени во сегашниот устав да се додадат и Бугарите, Хрватите, Евреите, Египќаните, Торбешите и други. Наводно немало никаква разлика.

Таа одглумена океанска политичка наивност, или свесна глупост наоѓа место во ТВ-расправи, во новински коментари и колумни, во партиски соопштенија, и на општествените . Исто така, и кај политички сончогледи, што граделе кариери како антибугари. Дури има и една будалеста теза дека со внесувањето на Бугарите ќе се направела разлика и оти ќе се потврдело дека тоа се два различни народа – бугарски и македонски. Таа теза никако не одговара на реалните факти. Измените во Преамбулата не остануваат само на неа, туку неминовно предизвикуваат сериозни претумбувања и во нормативниот дел на самиот Устав.

Од сите држави во светот само бугарската официјална политика не го признава македонскиот народ, неговиот автентичен идентитет, неговите историја, јазик и писмо. Царска Бугарија, бугарската Комунистичка партија порано и Народното собрание сега имаат донесено купишта документи, декларации, резолуции, со кои се бетонираат тие негирања. Нивните историски, национални, културолошки и територијални претензии кон Македонија не се запрени. Наместо да гаснат, добиваат ново гориво.

Во директна спротивност со АСНОМ

Впишувањето на Бугарите во Преамбулата ќе биде во директна спротивност со АСНОМ, еден од првите и најзначајни конститутивни елементи на македонската државност. Ако влезат Бугарите во Уставот, властите на Македонија утре-другиден ќе се најдат во мат-позиција. Нема да спијат бугарските дипломати, политичари, претседатели на влади, претседателот на државата – ќе си ја тераат својата планирана политика до максимум. Македонците допрва ќе го чувствуваат притисокот, редовно поддржуван од лицемерната ЕУ. Ескалацијата на нивните агресивни барања ќе се зголемува и шири на поголем простор отколку што денес може да се претпостави. Нивниот експанзионизам ќе добие нови крилја.

Ќе следуваат славења и величења на бугаризмот, никогаш нема да престанат со своите закани и уцени. Тука уште поважна улога ќе си преземе нивниот дел од Комисијата за историја, која не мрда ни педа од изразените ставови дека Македонците се производ на Србите, на Тито, на Евреите, на Русите преку Коминтерната и на сите заедно. Тапаните дека Македонците се измислена нација ќе чукаат посилно одошто го прават тоа во последно време.

Се гради мрежа на паралелна администрација

Не мора да се за верување, но не се и за отфрлање одделни сознанија и информации дека Бугарија преку амбасадата, преку своите клубови, организации, здруженија, портали и вклучени поединци создава мрежа на паралелна администрација различна од интересите на македонската. Тие бази, како што се клубовите „Цар Борис Трети“ во Охрид, „Ванчо Михајлов“ во Битола и други во други градови, денес се само првите ископани ровови од кои некој нареден ден ќе се појави силна пропагандна антимакедонска војска. Кај нив нема сомневање дека тоа, кај и да е, ќе се случи.

Водечкиот оперативен дел што треба да ја изврши наредбата – Бугарите во Уставот – го сочинува тројката Ковачевски, Османи, Маричиќ, во содејство со Али Ахмети и некаков иден европски сојуз. Ако се формира, мнозинството Македонци ќе бидат малцинство, односно на маргините на одлучувањето. Најверојатно кон оваа група, заради многу интереси, политички и лични, ќе се приклони и претседателот Стево Пендаровски.

Околу изборот ЗА или ПРОТИВ Бугарите во Уставот како што албанските владини претставници и собраниски пратеници цврсто и непоколебливо ги бранат интересите на својот народ, би било нормално да се очекува со истата енергија и страст македонските да ги бранат националните интереси на Македонците.