Колемишевски: „Ако Македонија ја прифати „втората ЕУ-лига’, ќе бидат отстранети бугарските барања околу идентитетот“

„Идејата за вклучување на Македонија во втора Европа не е за отфрлање. Таа може да донесе повеќе корист одошто штета, особено ако до 1 јули државата не добие датум. Секое ново ветување ќе биде знак дека на Македонија ѝ се става на знаење оти долго и залудно ќе чека на прием.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Македонија во втора лига – зошто да не?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Колемишевски пишува: „Во наредните дваесетина дена, до 1 јули, ќе се знае поблиската европска судбина на Република с.Македонија. Тогаш истекува француското претседателство со Европската Унија и тоа е последниот датум, што со некаква надеж го очекуваат Македонија и Албанија за да им биде отворена вратата за влез во Унијата. Ќе скокне ли Македонија во тој воз? Македонски интерес е да се случи тоа, што би било не само одлична вест, туку и дефинитивно отворање нови државни перспективи.“

„Но што ако не се случи, ако датумот повторно биде одложен за некој нареден самит, ако повторно се даде само ветување за продолжување на процесот за евроинтеграции без никаков практичен ефект? И што ако бугарското вето трае во недоглед?“



„Европска втора лига“

Францускиот претседател Емануел Макрон пред еден месец ја соопшти својата идеја за формирање таканаречена европска политичка заедница, форма или организација, која би ја сочинувале оние држави, што го имаат почнато процесот на интеграции и оние што се заинтересирани да станат членки на Унијата во скоро време. Таа можна идна заедница многумина ја именуваа со спортскиот термин – европска втора лига.“

„Ако Македонија прифати одреден период да игра во ‘втората европска лига’, ќе бидат елиминирани сите бугарски барања поврзани со историјата, јазикот, писмото, со националниот идентитет на Македонците. Ќе исчезнат од дневен ред барањата за ставање на Бугарите во Уставот. Бугарија ќе биде автоматски исфрлена од игра. Македонија ќе го симне наметнатиот товар и конечно ќе биде слободна држава, што сама ќе решава за сопствените проблеми, толку колку што ќе ѝ овозможат западните сојузници.“

„Најавената европска политичка заедница и членувањето во Европската економска зона не се замена за ЕУ, но се алтернативи, што македонското политичко раководство не би требало да ги отфрла со леснина. Дотолку повеќе што патот до полноправно членство во ЕУ е премногу долг, исполнет со стотици пречки, а стигнувањето до целта крајно неизвесно.“

Интернет-врска до целата колумна:

https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/makedonija-vo-vtora-liga-zoshto-da-ne/