Колективна меморија

Како не му текна наместо за колективна меморија да даде анализа на бугарско-албанските односи, со посебен однос и на ставовите на албанските политичари кај нас кога се во прашање националните интереси на Република Македонија.

Првиот ни министер за надворешни работи во експертската влада на премиерот Никола Кљусев, беше водњанаското дете, Денко Малески. Текстот кој следи не е полемика со професорот непознат во меѓународните научни кругови, од областа на меѓународно јавно право. Повеќе е локално познат како министер за надворешни работи и амбасадор кој во клучните моменти во вклучувањето на Република Македонија во меѓународната заедница, од нему само познати причини, се повлече во Њујорк со што ја отпочна традицијата на македонската дипломатија, министрите за надворешни работи да одат за амбасадори. Полемиката на македонскиот медиумски простор кај нас не заживеа, посебно   во рамките на цивилизациската размена на мислења. Обично полемиките кај нас наликуваат на кавги на мариовските невести на селската чешма или преку соседските тараби.



И нашиот прв министер надворешни, Малески, претера со повикувањето на неговиот (Тукидид) политички реализам во своите ламентирања за нашата тотална изгубеност и неснаодливост во лавиринтите на меѓународната политика. Големите прават што сакаат дури и лажат, му се пожалил своевремено првиот ни министер за надворешни работи на претседателот на независна Република Македонија К. Глигоров, и си поднел оставка, што не беше баш патриотски чин. Факт е дека Малески беше министер во најтешкиот период на признавањето на Република Македонија и воспоставувањето дипломатските односи, поради што и од објективни причини, мораше повеќе да се посвети на главното мултилаатерално прашање, додека билатералата на некој начин беше во втор план.

Забележена е неговата посета на трите Балтички држави со идеја за воспоставување соработка меѓу малите држави при нивните интеграции во евроатлантските структури. За Балтичките држави имало и други идеи и дека биле во право покажува нивниот денешен статус, а и нашиов. Во Њујорк пристигна како амбасадор, прв шеф на нашата Мисија, институција на која ние не ѝ посветивме соодветно значење, пред сѐ, со кадровско екипирање, а во која нашата иницијатива за донесување Резолуција со која се бара да се изврши паралелна анализа на почитување на човековите права во нашиот регион, од прагматични причини не беше реализирана. После тоа само гласавме за резолуции, не секогаш добро промислено. Ние сметавме дека таква наша иницијатива ќе биде доказ за наш премиерен настап како нова членка на ОН. Макар пост фестум (пристигна после приемот на Република Македонија во ОН) за процесот за приемот на нашата држава во ОН, министерот, а потоа и амбасадор Малески требаше подобро да  ја проучи Повелбата на ОН, посебно оној дел што се однесува за приемот на нови членки. И покрај тоа што дополнителните услови беа наметнати од посилните кои прават тоа што сакаат (Тукидид), ние како сиромашни и слаби, требаше макар и формално да укажеме дека во случајот на приемот на РМ во ОН е прекршена Повелбата (член 4 став 1 и членот 2, ставовите 1,4 и 7).

На експертот за меѓународно право му беше достапна архивата на ОН па можел да се запознае со Резолуцијата 113/2-1947 која се однесува на обраќањето на ГС на ОН до Меѓународниот суд на правдата во врска со условите за приемот на новите членки на ОН. Мисијата на РМ доживеа персонални златни моменти со претседовањето на нашиот поранешен МНР, кој осоколен со едногодишното претседавање, се кандидира за избор на Генерален секретар на ОН, ама не заврши славно. Но, поразите и скандалите врз него не оставаат видлив траг.

Но, да се вратам на тезата на докониот пензионер Малески изнесена во единствениот македонски неделник минатата недела, а која се однесува на „ранетата психа на Македонците поради нашата колективна меморија базирана на фактот дека Македонија за време на балканските војни, е поделена од нашите соседи и од митот дека таа е само наша татковина, во нашите етнички граници“, што имало и рефлексија на современата македонска држава. Нешто ми личи познато, како заземање позиција, сепак на еден поранешен министер за надворешни работи, кој во колективната меморија ќе остане запаметен како политичар кој во нашето Собрание изјави „дека доколку Република Македонија се одвои од Југославија како независна држава, тогаш не можеме да рачунаме на него“.

Да не западнам во епистемолошки лавиринт на улогата на историјата и колективната меморија, како експертот Малески, да напоменам дека колективната меморија на Македонците, секако не влече корени од последиците на балканските војни. Ламентирања на Малески за колективната меморија и опасноста дека македонската верзија можеше, а и сега таа варијанта не се исклучува, лесно да ги запали меѓунационалните војни, како оние во Југославија во последната декада од дваесетиот век, се ставаат во контекст на актуелните настани во односите помеѓу Македонија и Бугарија, бидејќи историјата е во директна интеракција со колективните мемории. Малески смета дека будењето на историските мемории го комплицира водењето модерна политика и дипломатија на една држава, поради што неговиот дипломатски ментор, тогашниот претседател Глигоров со неговиот тогаш гулаб писмодоставувач (messagesdelivery), во ликот на министерот за надворешни работи, колективната меморија ја ставија во шише (подоцна и еден друг министр надворешни стана познат по коперфилдското полнење на шише), а кога Аладин го отвори шишето после приемот на нашата држава во ОН, национализмот произлезен од долго потиснуваната колективна меморија, стана катализатор за проблемите дома и реакција на притисоците од Вашингтон и од Брисел. Така Република Македонија почна да ги влече тешките куфери преполни со колективна меморија. Поради колективната меморија, вели мудриот Малески, заглавивме 25 години со Грција, а сега сме заглавени со Бугарија на неизвесен временски период.

Цеката колумна на Ѓорги Мисајловски за Плусинфо на следниот линк: