Колапс: Нема исплата на боледувања, рефундации и плати – Фондот за здравство штрајкува

Од денеска вработените во Фондот за здравствено осигурување се во штрајк. Сите граѓани кои дојдоа за да побараат некаква услуга наидоа на затворена врата и никој не ги пречека. Велат дека ќе се извршуваат само итните услуги, но ниту за итните не беа примени на шалтер. Сликата неубава за гледање. Камерите забележаа и жена во инвалидска количка како со часови чека на улица, останатите граѓани стојат пред врата и се расправаат со обезбедувањето, а на врата стојат ливчиња на кои пишува штрајк. Голем дел од граѓаните не успеаа да ги поднесат документите поради тоа што обезбедувањето им кажало дека вработените во фондот штрајкуваат.



Иако беше кажано дека еден вработен ќе биде задолжен за итните случаи како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и  лекување во странство за итни случаи, сепак вратата беше заклучена и до неа имаше обезбедување.

Иста е сликата и во Тетово. На вратата пишува штрајк и сите граѓани се враќаат дома без решение на проблемот. Во Струмица граѓаните биле информирани дека фондот штрајкува и во период од повеќе од половина час никој не дојде. Штрајкот во Фондот за здравство ќе трае се додека Владата не одлучи да не се намалат нивните плати.

Фондот штрајкува поради препораката на Владата за намалување на платите за 21%. Рецепти и упати ќе има, но не и исплата на породилно, боледување и плати во јавното здравство, сѐ додека Владата не усвои нова препорака, со која ќе се овозможи платите на вработените во Фондот за здравство да останат на сегашното ниво. Од Владата побараа на утрешната седница да го повлече предлогот даден до Управниот одбор за намалување на платите. Ги отфрлија тврдењата на Министерството за финансии дека поради нивните плати нема да има средства за набавка на лекови.