Покрај државната ЕСМ и досегашниот универзален снабдувач со електрична енергија – ЕВН, на тендерот за следните 5 години понуда доставила и грчката ЕДС, која бележи голем обрт, но не го исполнува условот да работи во позитива, пренесува Фокус. Затоа, оваа компанија ги здружила силите со „Пан Интертрејд“, фирма со еден вработен, која формално работи во позитива, но многу променливо од година во година, така што во 2022 немала никаква активност. Нејзината сестринска фирма во Србија, пак, е во ликвидација.

Три компании, односно конзорциуми доставиле понуди во рамки на владиниот тендер за избор на нов универзален снабдувач, кој во период од 5 години, почнувајќи од средината на оваа 2024 година, треба да ги снабдува со електрична енергија малите потрошувачи, како и осумстотини илјади домаќинства.
Според информации од Владата, во дефинираниот рок пристигнале понуди од државната „АД ЕСМ“, односно од нејзината фирма-ќерка „ЕСМ Продажба“, потоа од „ЕВН Македонија Еелектроснабдување“(носител) и „ЕВН Македонија АД“ (член на група), која ја врши дејноста на универзално снабдување во изминативе 5 години, како и од групација на „ЕДС“ и „Пан Интертрејд“.
Повикувајќи се на Стручната комисија што го реализира овој тендер, од Илинденска соопштија дека „ЕСМ“ и „ЕВН“ понудиле идентична бруто-маржа од 11,4 проценти, додека во понудата на „ЕДС“ бруто-маржата изнесува 11,45 проценти, што значи дека правните субјекти што ќе ја минат фазата на евалуација и ќе добијат покана за електронска аукција ќе се наддаваат од овие стартни позиции.






