Која е мистериозната сила што го штити Мерко во струшкото обвинителство

Во своето соопштение со кое потпретседателот на ДУИ Рамиз Мерко го става на американската црна листа, Стејт департментот не открива за кои предмети конкретно градоначалникот на Струга е прогласен за Персона нон грата во Америка.



Стејт Департментот не открива ниту кои се луѓето кои на Мерко повеќе од една деценија му помагаат да ја избегне правдата.

Во последниве 14 години Мерко според порталот А1он има добиено дури 14 кривични пријави од СВР Охрид од кои била процесирана само една.

За ова да се случи Мерко имал сериозна заштита од засега мистериозна сила која на некој засега непознат начин влијаела на струшкото јавно обвинителство.

Зошто Мерко не бил соодветно гонет од обвинителството најповикани да кажат се обвинителите во Струга и нивните шефови во вишото јавно обвинителство во Битола и државниот обвинител во Скопје кои имаат своја улога во неказновоста на Мерко кој во меѓувреме беше и министер и градоначалник во нов мандат.

Основното јавно обвинителство Струга е основано во 1945 година. Функционира на подрачјето на Основниот суд во Струга како основно јавно обвинителство со проширена надлежност. За својата работа одговара пред ВЈО Битола, како и пред Советот на јавните обвинители.

Во моментов шеф на основното јавно обвинителство во Струга е Стојанчо Арнаудоски а јавни обвинители во ОЈО СТРУГА се:
Благоја Даскалоски
Џемал Лога
Никола Јолески
Ермира Муса-Нура

Кои се обвинителите кои не покренувале истраги и обвиненија против Мерко и зошто не го правеле тоа засега не открива ни Стејт департментот, ниту ДУИ ниту обвинителството.

Зошто на црната листа на САД нема ниту еден обвинител, член на советот на јавни обвинители или политичар кој го штител Мерко е исто така нејасно.