Операторот „МЕМО“ го суспендира „Блесм Поуер Плус“ од пазарот со струја до крајот на годината со одлука донесена во петокот, објави Фактор. Станува збор за контроверзна фирма која два пати го менуваше името во текот на енергетската криза и остануваше должна во милионски суми кај АД МЕПСО откако два пати влечеше струја од системските резерви а потоа не ги плаќаше фактурите.

„Времено се суспендира учесникот на пазар на електрична енергија БЛЕСМ ПОУЕР ПЛУС ДОО Скопје со лиценца снабдувач со електрична енергија, со ЕДБ: 4080021599229, од пазарот на електрична енергија, поради непочитување на Правилата за пазар на електрична енергија односно нерегулирана балансна одговорност. Времетраењето на суспензијата започнува од 01.10.2023 година и трае заклучно со 31.12.2023 година. Оваа одлука стапува во сила на денот на донесувањето“, пишува во одлуката на МЕМО, државниот оператор на пазарот на електрична енергија.
Во образложението испратено од МЕПСО се гледа дека на Блесм Поуер Плус на два пати му било давана шанса во 2021 и 2022 кога ги носеше имињата Мист Енерџи и Мист Енерџи Еко. При тоа во првата година фирмата остана должна 1,8 милиони евра, а проценките се дека и во следната година се работи за слична сума. Директорот на МЕМО, Симон Шутиновски, за „Фактор“ не обелодени дали и оваа 2023 контроверзната фирма која продолжи да работи под името Блесм Поуер Плус има нерасчистени долгови кон меспо.
– Она што ми е кажано од МЕПСО е дека станува збор за балансна неодговорност од страна на оваа фирма и ние постапуваме по барање на МЕПСО со негово суспендирање, ни изјави Шутиновски без да дава детали за што поконкретно станува збор, односно дали се работи за повторно влечење на струја од европската мрежа и нејзино неплаќање, со што повторно би се оставил МЕПСО да ја сноси одговорноста. Повеќе на Фактор.мк.





