Дали централната власт ги финансира доволно општините? Спротиставени во размислувањата се министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), воедно и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Министерот Пенов вели дека се финансирани 135 проекти во општините и во планските региони, во вредност од 850 милиони денари и 192 проекти од ИПА2 Програмата на ЕУ, кофинансирани од буџетот на државата, додека градоначалникот Ѓорѓиевски тврди дека единиците на локалните самоуправи не добиваат доволно финансиски средства и дека има уназадување на односите со централната власт.
Председателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека единиците од локалната самоуправа не добиваат доволно финансиски средства и истовремено не ја добиваат и потребната доверба од централната власт.
– За многу надлежности префрлени ни се многу помалку средства од реалните трошоци потребни за спроведување на таа услуга и затоа сме принудени како локални самоуправи, тие недостатоци да ги покриваме од приходите што се наменети за други развојни програми во нашите општини – истакна Ѓорѓиевски.
Исто така нагласи дека во земјава не се почитува европската повелба за локална самоуправа, каде што, како што рече стриктно е нагласено дека за секоја префрлена надлежност на локално ниво централната власт треба да префрли и соодветни средства за нејзино спроведување.
– Наместо да се јакне децентрализацијата на власта, која со себе носи зголемена демократија и учество на граѓаните во креирање на сопствените потреби ние имаме за жал уназадување, игнорантски однос на централната власт кон општините, недоверба и застој во спроведување на потребните реформи на локално ниво, вели Ѓорѓиевски.
Нема општина со проблем во плаќањето за електрична енергија и верувам дека годинава ќе бидат избегнати проблемите како минатата, кога дел од општините беа исклучени. Многу поподготвени влегуваме оваа година, вели Ѓорѓиевски.
– Тоа се процеси што години наназад се проблем за општините, кои располагаат со реално мали буџети, а Владата одбива изминативе две години да направи исчекор, односно подобрување на состојбите. Секако дека ќе продолжиме да се бориме во таа насока, да се променат тие работи – истакна Ѓорѓиевски.






