Кој пат да го фатиме, на Меркел или на Меј – пишува Горан Момироски

Изјавите на двете најмоќни жени во Европа дадени во Скопје и Сочи ја прикажаа “раскошната” поделба со која се соочува стариот континент во клучните времиња кога Британија заминува од ЕУ а Унијата и САД се на раб на трговска војна.



Изјавите на Меј во Скопје и на Меркел во Сочи покажаа дека Лондон со заминувањето од ЕУ и драматичното приближување до Вашингтон за сметка на европските сојузници, може да создаде длабока поделба во западната коалиција кон која ние стремиме и сме подготвени да си го смениме името за да бидеме дел од неа.

Нецели 48 часа откако Меј во Скопје предупреди на опасноста од Русија и потребата од обединување против руското влијание германската канцеларка по втор пат за 20 дена се сретна со Рускиот претседател Путин.

За Меј Русија е опасност по европските вредности, за Меркел пак Русија на Путин и покрај погрешните политики на неколку полиња е важен партнер.

Македонија мора внимателно да го следи развојот на настаните и да води своја автентична и принципиелна политика која ќе ги следи западните позиции но во исто време треба јасно да покаже дека нема да учествува на ниту една страна во евентуален внатрешен судир во западната коалиција.

Санкциите кон Русија, гасоводот Северен тек 2, енергетската војна за коридори која тлее со години, заминувањето на Лондон од ЕУ, формирањето на Европската армија, односите на Брисел (Берлин) со Москва и Пекинг се само дел потенцијалните конфликти меѓу Лондон – Берлин – Вашингтон.

И во исто време се дел од замките во кои може да паднат малите ранливи земји како Македонија.

Доволни ни се главоболките при еквилибристиката во судирот меѓу двата стратешки пријатели САД и Турција кои најдраматично се судрија за Ерусалим како главен град на Израел. Македонија во овој случај итро преживеа гласајќи во ОН против САД и славејќи во американската амбасада во Израел но тоа не може да е решение на долги патеки.

Евентуален судир меѓу Лондон и Вашингтон од една и Берлин од друга страна за Русија или за било која од другите критични теми едноставно нема да можеме да издржиме. Особено ако мора да избереме страна.

Иако за малата и неважна Македонија големите сили ќе имаат разбирање за неутралноста во таков случај сепак Македонија мора да има стратегија за најцрни сценарија.

Изборот или неутралната позиција меѓу Лондон и Берлин за Македонија ќе биде сто пати потежок предизвик од оној меѓу Брисел и Москва за кој иако никогаш реално не постоел, во последниве години беа потрошени силни дипломатски и медиумски арсенали.