Кој ли го ,,пеел” што се премисли, Спасовски веќе не гледа екстремизам во крстот на Попова Шапка

Првиот полицаец се премисли – поставувањето на крстот на Попова Шапка не било екстремизам. Екстремизам биле иницијативите за уривање на верски обележја и иницијативите за нивна одбрана.



Не, јас не кажав дека било кој што гради верски објект е екстремист. Туку оние кои се поигруваат со верските објекти се екстремисти, дека тој објект ќе биде срушен или оние кои најавуваат дека по секоја цена ќе преземаат мерки и активности за одбрана вон институциите тоа се екстремисти. Aко нешто не краси во оваа наша убава Македонија тоа е нашиот мултиетнички колорит – рече Спасовски по посетата полицискиот Центар „Ѓорче Петров“, јавува ТВ Алфа.

Ова е сосема спротивно од она што го кажа пред неколку дена на традиционалниот брифинг со новинарите кој беше без камери. Запрашан за став околу последните случувања и одлуката за уривање на крстот, министерот рече дека е политички фолклор. Тој тогаш направи споредба и со ситуацијата во 2015 година и подигнувањето на крстот во Бутел.

,,Тоа е фолклор кој што не враќа во 2015-та година, кога јас станав министер. Немајќи што да прават во тој момент, ќе прават крст во Бутел. Зошто? За да ти кажат, ај да те видиме сега како ќе се справиш и што ќе правиме со крстот. Е ова е истата ситуација. Кога зборувам за екстремистички групи, и тоа се екстремисти кои што сакаат на еден или на друг начин да предизвикуваат меѓуетнички конфликти и тензии. Тој политички фолклор ќе се засилува сега како ќе наближуваат изборите, ќе се засилува и ќе играат на карта на национализам, на рушење на вредност”, рече Спасовски на брифингот.

Екстремисти биле Македонската православна црква и свештениците од Свети Наум Охридски на Попова Шапка, порача човекот кој не демантира дека сака да води Македонија од позицијата претседател. За Оливер Спасовски екстремизам, со цел подгревање на меѓутеничките тензии бил крстот на црковен имот. Спасовски ова реши да го изговори на традиционалниот новогодишен брифинг со медиумите, во делот каде што нема камери и не е дозволено да се снима.

,,Кога зборувам за екстремистички групи, и тоа се екстремисти кои што сакаат на еден или на друг начин да предизвикуваат меѓуетнички конфликти и тензии. Тој политички фолклор ќе се засилува сега како ќе наближуваат изборите, ќе се засилува и ќе играат на карта на национализам, на рушење на вредности”, изјави тогаш Спасовски.

Дали министерот пред да го смени ставот бил пеен од ДУИ односно не му дале поддршка за претседател или од МПЦ-ОА кои беа индиректно прозвани за екстремизам, Спасовски не кажува.