Како меур од сапуница ќе ги распрсне надежите за набавка на евтина бугарска струја фактот што бугарскиот државен производител НЕК на берзата во Софија продал струја за цела идна година по цена од 286 евра за еден мегават час. На бугарската берза досега се одржани осум аукции за продажба на струја за идната година на кои се истргувани над 100 мегавати капацитет за производство. Просечната пазарна цена за сите осум аукции за догодина е 370 евра за мегаватчас
Набавката на електрична енергија од Бугарија за испорака идната година тешко дека може да се замисли под цена од 370 евра за еден мегават час. Ова го потврдуваат официјалните цени постигнати на ИБЕКС www.ibex.bgна пазарниот сегмент аукции.
Податоците кои се јавно достапни и ги анализирале „Фактор“ покажуваат дека на одржани вкупно осум аукции се нудела струја што би се испорачала идната година. Сите осум аукции се успешни, а цените за закупот на капацитети за производство на струја се движат во ценовна маргина од 220 евра до 420 евра за еден мегаватчас струја.
При тоа најниската цена е постигната на првата аукција одржана на почетокот на јуни и таа изнесувала 220 евра. Највисоката цена е постигната на аукцијата одржана на 18 август на која мегаватчас достигнал цена од 420 евра. На последната аукција одржана завчера (20 септември) цената за еден мегаватчас струја изнесува 400 евра, а се однесува за закуп на 10 мегавати капацитет (тоа значи испорака на 240 мегаватчасови за едно деноноќие или вкупно 87.600 мегаватчасови за сите 365 дена идната година).
Од достапните податоци се гледа дека имало два типа на аукции. На пет од нив се продавал капацитет за производство на струја за цела 2023 година, а три аукции биле за продажба на капацитет за првите шест месеци следната година.
Вкупно, досега за овие аукции, е истргуван капацитет од 107 мегавати вкупно, а тоа е половина од она што македонските власти најавија дека ќе го побараат од соседна Бугарија за да се ублажат последиците кои ќе ги трпат македонските фирми – потрошувачи кои струјата ја купуваат по берзански цени.
Линк до целиот текст.







