Кој ќе слави 19 години „Рамковен“ заедно со Ахмети

Тројца лидери на албанските партии кои беа повикани на средба закажана за денес, по повод 19 години од Рамковсниот договор, ја одбија поканата од претседателот на ДУИ Ахмети.



По лидерот на БЕСА, Касами и лидерите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, ја одбија поканата. Тие бараат средбата да биде на друг датум, по 17 август, а второто барање се однесува на темите за кои ќе се разговара кои треба да бидат прецизирани неколку дена пред средбата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред неколку дена испрати покана за средба на лидерите на албанските партии на денот кога е потпишан Охридскиот рамковен договор но без детали за што ќе се разговара на средбата.

На денешен ден пред 19 години во Охрид е потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Преговорите што почнаа во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, завршија со парафирање на документот на 10 август.

Три дена подоцна на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје Рамковниот договор го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Љубчо Георгиевски, претседателот на ПДП Имер Имери и тогашните претседатели на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДПА Арбен Џафери.

Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ Франсоа Леотар и на САД Џејмс Пердју.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, како дел од Владата.