Кој ќе ја наследи Ангела Меркел?

На 26 септември Германците ќе гласаат за составот на новиот Бундестаг, односно државниот парламент. Резултатите од овие избори, откако ќе завршат преговорите за коалициите на партиите, ќе одлучат кој ќе ја наследи Ангела Меркел, која по 16 години ја напушта функцијата канцелар.



Германските медиуми и аналитичари предвидуваат дека најверојатно преговорите на партиите за коалициска влада ќе траат неколку месеци, со неколку можни комбинации и без убедливо раководство на која било партија.

Анкетите покажуваат дека ниту еден потенцијален наследник на Ангела Меркел нема убедлива предност меѓу 62 милиони германски гласачи.

Армин Лашет (ЦДУ / ЦСУ) Армин Лашет (60) е водач на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел и премиер на индустриската провинција Северна Рајна-Вестфалија, најнаселениот регион во Германија. Побожен католик, тој е син на рудар, кој подоцна станал учител, и пораснал во близина на белгиската и холандската граница, каде што живее и денес. Откако студирал право, се запишал на новинарство и извесно време работел како новинар. Тој беше избран за пратеник во Бундестагот во 1994 година, а во 1999 година за член на Европскиот парламент.

Олаф Шолц (63), заменик на Ангела Меркел и германски министер за финансии, е кандидат на Социјалдемократската партија за канцелар во Германија, а анкетите му даваат предност во оваа трка. Порасна во Хамбург, градот во кој беше градоначалник од 2011 до 2018 година. Неговите поддржувачи тврдат дека тој е одговорен за изградбата и напредокот на градот и дека е човек кој секогаш има план. Ја изгради својата кариера како адвокат, посветена на работничките права и синдикалната поддршка. Тој беше член на Бундестагот од 1998 до 2011 година.

Аналена Бербок, единствената жена во трката за наследник на Ангела Меркел, е првата кандидатка на Зелените за канцелар. 40-годишната Аналена Баербок потекнува од село во близина на градот Хановер, студирала право и политика во Хамбург и Лондон и работела за Зелените во Европскиот парламент. Како девојче, нејзините родители често ја носеле на протести против нуклеарното оружје, и според неа, таа првично сакала да биде воена репортерка. Ал џезира