ЕСМ го објави тендерот за набавка на природен гас за топланите Исток и Запад за затоплување на скопјани од 1 јануари до 30 април, а најмалата количина која се бара е 100 милиони киловатчасови.
Според актуелната цена, фјучерсите на холандската берза се движат околу 120 евра за јануари и февруари, а истовремено и бугарскиот оператор Булгартрансгаз соопшти дека цените во јануари ќе бидат по 100 евра за мегаватчас, односно 0,1 евро по киловатчас.
Тоа значи дека победникот на тендерот на ЕСМ за обезбедување на природен гас за топлинска енергија во старт би осигурал приход од 10 милиони евра во 2023.
Тоа е најмалата сума што може да се обезбеди преку објавениот повик на ЕСМ и се смета дека е остварлива доколку гасната централа ТЕ-ТО во Скопје работи со максимален капацитет.
Во втората опција, доколку ТЕ-ТО не би испорачувала топлинска енергија, количината би можела да достигне и 327 милиони киловатчасови, или тоа би било заработка од околу 33 милиони евра. Заклучокот е дека сумата би била некаде помеѓу 10 и 33 милиони евра.
Досега ЕСМ набавуваше природен гас на полумесечно и месечно ниво.
За декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО. ЕСМ во декември го презеде и управувањето со топланата Скопје Север за затоплување на граѓаните, институциите, градинките и училиштата во општините Чаир и Бутел.
Со квалификуваниот понудувач треба да биде склучен рамковен договор до 23 декември, а до 26 декември ќе биде познато колкави количини ќе треба да се испорачаат.
Од 1 јануари следната година земјава ќе може да се снабдува од повеќе извори на гас преку Бугарија, откако ГА-МА АД и Буглартрансгаз ЕАД потпишаа Договор за меѓусистемско поврзување за снабдување и дистрибуција на гас на интерконективната точка Ќустендил-Жидилово. Со договорот се постигнува либерализација на пазарот на природен гас во државава, а преку Бугарија ќе добиваме 500 илјади кубни метри гас дневно.





