Бранко Героски на Плусинфо со луциден текст за обидот Коридорот 8 да ја уништи надежта на Македонците да живеат во правна држава:
Дупиииии!
Итноооо!
Бидејќи е битно!
Знаете ли што е битно? Да се дупи итно! Да се пробијат коридорите!
Значи…
За нас законите ќе важат, а за „Бехтел и Енка“ нема да важат. Барем не така како што важат за нас.
Они нема да плаќаат даноци и давачки. Како ние, будалите.
Они нема да се секираат за археолошките остатоци и за сличните глупости. Удри багерот и бркај работа!
Ич нема да му се мислат за шумите. Ебаве шумкарите неизделкани!
А сите ние ќе работиме шест дена во неделата, додека седмиот ден ќе им ги посветиме на Господ и на „Бехтел и Енка“.
Како што е ред. И поредок. Светски!
Ете, драги мои, затоа многу се радувам.
Се радувам повеќе од Артан Груби.
Се радувам, бидејќи јас одамна немам видено системот да функционира вака ефикасно.
Сите постапки – скратени.
Сите прсти кренати против – ќе се скратат.
Сите сомнежи – ќе се отфрлат.
А кога сме кај сомнежите…
Најмногу од сѐ, всушност, се радувам што воопшто нема да има сомнежи и нема да се поставуваат непријатните прашања за некакви ризици од корупција.
„Бехтел и Енка“ и корупција?! Ма бегај таму…
Читам, се наоѓа овде-онде по некоја партија и по некоја граѓанска платформа да се побуни. Но, тие се бедни ултраши и анархисти, нели.
За мене е најбитно што јас нема да морам да го поставувам прашањето дали тука има нешто сомнително. Некое дупче недодупено. Некаква корупција. Не дај боже.
И да сакам да прашам, ете не морам. Што ми можете?!
Има кој мора да прашува, бе!
Има медиуми и истражувачки новинари коишто се платени, со стотици илјади евра или долари странски пари, за да откриваат корупција.
Како што има медиуми и граѓански активисти кои зеле и земаат милиони евра од странски фондови за да се борат за ЕУ и за Бугари во Уставот.
Е они ќе завршат работа за тие прашања!
А ние другите?
Ние ќе гледаме сеир. И ќе се радуваме. Ќе известуваме радосно за секој пробив. И за секое дупење. Ама баш за секое ново дупче
во хименот на нашиот закржлавен и заостанат систем.
А што ни преостанува друго?
ПС. За да нема недоразбирања, да појаснам дека глаголот дупи во оваа колумна е употребен во неговите основни, а не во неговите преносни значења. Дигиталниот речник на македонскиот јазик дефинирал четири основни значења на овој глагол:
1. Прави, отвора дупка во нешто(англиски: pierce, албански: shpoj) 2. Работи со игла (англиски: stitch, албански: thur) 3. Глочка, набива (англиски: prick, албански: shpoj), и 4. Подбуцнува добиток за да се движи побрзо; подбуцнува некого да направи нешто. (англиски: spur, албански: shpoj). Значи, молам да се има предвид основното значење на глаголот. Речникот дефинирал уште пет преносни значења, кои не ирелевантни за овој текст.
Целиот текст на Героски на овој линк





