„Тажна страна на овој скандал е што се распосла на отворена меѓународна сцена при една ваква важна посета, прва официјална на САД по многу години изолација на државата. Во момент кога силно се лобира за прием во НАТО, Република Македонија и на јавна сцена ја покажа нефунционалноста на своите институции, немањето систем на работа, негувањето лични аспирации или анимозитети“, пишува на својот ФБ профил Елеонора Каранфиоловска Ратклиф, поранешна новинарка, советник на претседателот Киро Глигоров и поранешна амбасадорка на Република Македонија.
Повод за реакцијата на амбасадорката е колумната „За инструкциите на амбасадорот“ на новинарот Сашо Ордановски посветена на скандалозното непојавување на амбасадорот Васко Наумовски на ниту една средба на вицепремиерката и министерката за одбрана Радмила Шекеринска при нејзината посетата на САД.
Во гостување на емисија на ТВ Телма министерката рече дека е скандалозно и крајно неодговорно е што Наумовски не дошол дури ни на средбата во Пентагон и дека тоа зборува за неговиот дипломатски калибар.
Во реакцијата на Фејсбук насловена „Во ‘одбрана’ на амбасадорот“ Каранфиловска Ратклиф дополнува и дообјаснува некои работи, како што вели, исклучиво врз нејзина опсервација:
„Ордановски е во право кога се прашува дали наместо скандализирање, не треба можеби да се прашаме да не биле такви инструкциите што Наумовски ги имал. Или, ќе додадам: воопшто ги немал!
Јасно ми е дека Ордановски добро го знае функционирање на системот на МНР и дека повеќе алудира на неформални инструкции кои, ставени во тој контекст, можат да доаѓаат од било која страна, а Ордановски во случајот ги лоцира кај шефот на државата Иванов.
Како поранешен амбасадор на ова сепак ќе додадам дека инструкциите на амбасадорот доаѓаат ЕДИНСТВЕНО од МНР и од ниедно друго место! Не од владата и не од Кабинетот на Претседателот!“
Поранешната амбасадорка која има одлично познавање за тоа како како функционира претседателски кабинет, во нејзината „одбрана“ како што вели, прашува имал ли воопшто Наумовски некакви инструкции?
„Во тој контекст за мене силна беше изјавата на МО и потпретседател на Владата Шеќеринска дека чека да разговара со МНР Димитров!
Секој што знае како функционира диполоматската мрежа нормално таму и би ги насочил сите прашања“, вели Каранфилоска.
Таа смета дека „единственото место каде што МО Шеќеринска можела да го види амбасадорот по негово наоѓање, е при доаѓањето и испраќањето од аеродром. А факт е дека тој тоа не го направи. Сето друго мора да биде со инструкција до амбасадорот и координација на посетата.
Дали некој наивно верува дека било кој амбасадор може да се појави самоиницијативно на средба во Пентагон? Во Белата Куќа?
Така, кога сме кај инструкциите, повторно, вистинското прашање е какви биле тие до Наумовски и ги имало ли воопшто! Кој е тој што во суштина ја саботирал оваа значајна посета? И зошто?
Е тоа е тој разговор со министерот Димитров“ шишува Каранфиловска Ратклиф за на крајот да додаде:
„Некои идни ‘Викиликс’ белешки ќе ни откријат можеби многу пикантерии и забелешки на соговорниците на Шеќеринска во Вашингтон за тоа како тие гледале на едно вакво невидено отстапување од секаков протокол во меѓународните односи. Зошто не е прашањето на неприсуството на Наумовски како личност, туку некоординацијата на МО и МНР“.





