Кој и зошто ги премолчува „клетите фашисти“

(…)



Македонија има секакво право и покритие да се повикува и гордо да ја истакнува сопствената борба против фашистичките окупатори, како основа на својата државност.

Тој момент особено не смее да биде премолчан при одбележувањето и прославувањето на тие значајни денови, токму како 11 Октомври, кој е првиот печат на македонскиот антифашизам, од кој во 1944-та произлезе и АСНОМ, со кој и официјално е формирана македонската држава во рамките на југословенската федерација, а секако добива уште поголема важност и потврда со независноста на Македонија од 1991 година.

Парадоксално, но сѐ позабележливо, токму поради фаќање приклучок со некои непринципиелни и сосема контроверзни „европски вредности“, официјалните македонски политичари ја ставаат Македонија во ситуација на денот кога се празнува почетокот на борбата против фашизмот да бидат премолчени фашистите против кои е поведено востанието. Па, така, во говорите на политичарите се споменува „11-октомвриско антифашистичко победничко востание“, но „елегантно“ се избегнува да се каже името на „бугарскиот фашистички окупатор“., пишува Јасминка Павловска во „Нова Македонија“

Дури и при изборот на хорската хармонизација на аранжманот за изведбата на партизанската песна „А, бре, Македонче“ на годинешново свеченото одбележување на 11 Октомври, некако „пригодно“ се случило да биде избрана верзија каде што наместо делот од стихот „клетите фашисти“ се користи „душманите клети“.

На обвинувањата од јавноста за цензура на песната, од Владата аргументирано демантираат со факсимил од хорската партитура на песната од раните осумдесетти години на минатиот век, но без прецизирање дали постојат и други партитури со поинакви текстуални верзии на песната.

Секако, во „неофицијалната“ колективна меморија, оваа песна најмногу е запомнета и се пее со верзијата „клетите фашисти“

(…)

„Никој, ниту македонските политичари, ниту ЕУ, а најмалку Бугарија, нема право да го премолчува и негира антифашизмот на македонското востание од 11 октомври 1941 година!“ пишува Павловска.