Кој го саботира случајот Вице Н. и рекетот во РЕК Битола? – пишува Горан Момироски

Уште од времето на контроверзниот Јавен Обвинител Прчевски верувам или сакам да верувам дека и покрај постојаниот политичкиот притисок има елементарна независност меѓу обвинителството и судството од извршната власта. Дека јавното обвинителство за организиран криминал има елементарна независност од Државното обвинителство. За жал вербата дека тоа е можно е се помала и помала.



Речиси 18 месеци откако обвинителството ја добила првата документација за случајот рекет во РЕК Битола и речиси 80 дена откако беше објавен скандалот според кој биле рекетирани бизнисмени, нема никаков случај покренат од обвинителите за криминал против лицето означено како Вице Н. и останатите инволвирани во тежок облик на криминал и корупција.

Извори во јавното обвинителство ми тврдат дека поради политички притисок од политичари блиски на Вице Н. случајот се турка во заборав. За моите извори ситуацијата е едноставна: Ако по најблискиот соработник на премиерот, Рашковски, “падне” и братот на најмоќниот човек во државата ќе “паднат” и неколку обвинители и судии.

Изборите ми тврдат дека подолго време во Јавното обвинителство за организиран криминал кое ја примило пријавата за криминалот од МВР уште во февруари 2020 година не се водат никакви конкретни постапки а веќе завршуваат 18 месеци во кои според законот треба да заврши истрагата.

Доколку во наредниве десетина дена не биде покренато обвинение тоа ќе значи дека според ЈО нема криминал и случајот ќе биде ставен Ad Acta.

Дури и без скандалот со бришењето на името Вице Н. од пријавата Обвинителството досега мораше да покрене постапка за уцените и рекетот од високи функционери на Државни фирми и бизнисмени блиски на СДСМ до двајца сопственици на компанија која добила тендер во РЕК Битола но и тоа не се случува а рокот за истрага веќе изминува.

Според моите извори не се исклучува случајот да е опфатен со таен договор меѓу дел од обвинители и дел од извршната власт со кој неколку високи кадри во обвинителството и еден судија нема да се гонат за прекршен закон во случајот “Бегство на Сашо Мијалков” а за возврат да го саботираат случајот со Вице Н. и рекетот во РЕК БИТОЛА.

На потег е обвинителството, во наредниве десетина дена додека не се навршат 18 месеци од почнување на истрагата да поднесе кривични пријави за Вице Н. и другите инволвирани блиски на СДСМ.

Обвинителството може да се вади дека со новите докази доставени од Мицкоски во Мај истрагата може да продолжи но нема да може да даде здраворазумско објаснување зошто 18 месеци нема истрага за другите инволвиран во рекетот во РЕК Битола без разлика дали името на Вице Н. некој го избришал или не.

Притоа тие што носат одлуки во Обвинителството на сите нивоа но и судиите инволвирани во можен дил за спас на Вице Н. треба да знаат дека нивните дела и прекршени закони во случајот со бегството на Сашо Мијалков не можат да бидат амнестирани со договор меѓу нив и братот на лицето означено како Вице. Н.

На крајот на мај Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по брифингот на кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини за наводен фалсификат на кривична пријава, објави дека постапува по Известувањето во онаа форма во која го добило пред 18 месеци. Според Мицкоски, фалсификатот на кривичната пријава го направиле Лазе Велковски и Вилма Русковска.

Тогаш Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција рече дека како и во досегашната практика нема да коментира изјави на лидери на политички партии или други институции, но за случајот се уште нема никаков предмет а поминуваат 18 месеци што се смета за максимален рок за истраги.

– Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува по Известувањето за кое покажувате интерес во онаа форма во која го добил во работа. Доколку некој поседува докази дека известувањето имало поинаква содржина при неговото изготвување, а потоа се направени содржински измени што би значеле извршување на кривично дело фалсификување, како и времето кога тоа е извршено, потребно е тие докази да ги достави до надлежното обвинителство“, одговорија од Обвинителството во врска со овие обвинувања на прашање од МКД.мк.

Доказите за бришењето на лицето Вице Н. беа јавно достапни во медиумите и обвинителството можеше за неколку дена да утврди дали имало фалсификување на кривична пријава и да преземе дејствија односно да покрене истрага, но тоа досега според јавните изјави не се случило.

На 27 февруари 2020 година МВР поднесува известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за пријавата од фирмата „Рубитон” од Битола за сторени злоупотреби по добиен тендер за ископ на јаловина во РЕК Битола. Во привиот примерок од ова известување на третата страница сопствениците на „Рубитон” велат дека им било побарано 250.000 евра или една четвртина од вредноста на добиениот тендер, а парите требале да ги однесат авансно на лицето Вице Н., да му се јават и да договорат средба во хотел „Вила Парк” во Струмица.

Опозицијата се сомнева дека на иницијатива на Лазе Велковски, токму овој дел од документот бил избришан во ЈО со помош на Вилма Русковска, иако веќе бил заведен. Станува збор за сериозна злоупотреба на службената должност.

Случајот почнува откако фирмата „Рубитон” во 2018 година го добива тендерот за ископ на јаловина за РЕК Битола на „откопно поле В” во вредност од околу еден милион евра. Според пријавата, откако почнала процедурата за подготовка на ископувањата, пред да се добие дозвола за влез на механизацијата на „Рубитон”, сопствениците Васил Василев и Јани Радивлев почнале да се соочуваат со низа рекетирања. Василев од Васко Ковачевски од РЕК Битола добил понуда да отстапи 50% од договорената работа на „СВ инвест”. Вториот телефонски разговор завршил со барање за отстапување на 75% од бизнисот, по што Ковачевски повторно бил одбиен. Наредниот ден се одржала средба меѓу Ковачевски, Василев, Радивчев и Столе Чифлигаровски (сопственик на „СВ инвест”) во менувачницата „Саат кула” во Битола каде на „Рубитон” им е понудено да добијат само 1 отсто од бизнисот, а 99% да го преземе „СВ инвест”. Василев и Радивчев биле убедувани дека тоа законски е можно, дека тоа го правеле и порано само со нотарски заверена изјава. Сопствениците на „Рубитон” го одбиле и ова и побарале да почнат да си ја извршат работата.

После сето ова, доаѓа до уште една средба во хотелот „Епинал” во Битола каде Василев ја добил најбезобразната понуда – да даде 250 илјади евра во кеш, со објаснување дека парите се потребни за референдумот, за кампања за изборите… И тука во првиот документ се споменува името на Вице Н., на кого требало да му бидат дадени парите во кеш, а во вториот документ овој податок го нема.

По ова „Рубитон” го губи тендерот по „смислено сценариото од одговорните лица во РЕК Битола за оневозможување и кочење во исполнување на договорените обврски пропишани во договорот за работа, што на крај довело до раскинување на самиот договор и наплата на банкарската гаранција и претрпена штета од околу 30 милиони денари”, пишува во пријавата, поднесена лани на 27 февруари, а за која нема нема истрага од ЈО по ова известување од МВР.

Цели 500 денови или над 400 работни денови подоцна никој од рекетарите во РЕК Битола не е гонет, приведен, притворен, обвинет или осуден.

Има ли оправдување за ова проценете сами?