Кој го блокира изборот на Пенов за министер во владата: ДУИ, Заев или други сили во СДСМ

Поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, кој уште на средината на минатиот месец ја прифатил поканата да биде министер за локална самоуправа во владата на премиерот Димитар Ковачевски, се уште не е избран на функцијата на која го предлага неговата партија ЛДП.



Изминува речиси еден месец откако екс лидерот на ЛДП Горан Милевски се откажа од министерското место во владата а Пенов иако на 27 Септември објави дека решил да и се врати активно на политиката и да го води ресорот што и припаѓа на неговата матична Либерланодемократска партија (ЛДП) се уште не е дел од владата.

Според владини и партиски извори постојат три можни причини зошто Пенов се уште не е министер и зошто Македонија долго време е без активен министер за локална самоуправа.

Првата и најверојатна причина е судирот во ДУИ. Упатени во состојбите во владината коалиција за expres.mk тврдат дека блокадата на Пенов ја прави ДУИ од каде бараат неговиот избор да се случи по расчистувањето на кризата во Мала Речица која настана со конфликтот меѓу ,,огнената група” на Изет Меџити и ,,паразитската група” на Артан Груби.

Во ДУИ владее страв дека изборот на Пенов може да не помине во Собранието затоа што врвот на ДУИ близок на Ахмети не знае точно доколку од пратениците ,,располага” Меџити, вели влијателен член на СДСМ кој сега ,,не игра” во партиските процеси на носење одлуки.

Тој упатува на фотографијата на која со Меџити се сликаа уште тројца пратеници што значи дека владата нема да добие повеќе од 60 гласа при избор на Пенов. Тоа ќе биде огромен удар и за ДУИ и за СДСМ и затоа Ковачевски го прифатил барањето од Ахмети да се одложи изборот на Пенов.

Втората можна причина за неизборот на Пенов се забелешките на групата во СДСМ блиска на Заев која сака од Ковачевски да добие гаранции дека Пенов ќе биде лојален на СДСМ без разлика што ќе се случува во наредниот период.

Оваа група забележува и се сомнева дека Пенов не бил доволно активен при поддршка на проектите на СДСМ и владата и дека сега влегува во неа со цел да отвори други процеси кои се поврзани со неговите стари конекции со ВМРО-ДПМНЕ кога беше градоначалник на Скопје избран со помош на сегашната опозиција.

Третата можна причина за неизборот на Пенов за министер е стравот кај дел од актуелната прва постава во СДСМ дека кадарот на ЛДП кој е близок на еден екс американски амбасадор во земјава но и на новата амбасадорка во Македонија од внатре од владата ќе биде Тројански коњ кој ќе почне пресметка со корупцијата и криминалот во владата.

Делови од СДСМ се плашат дека Пенов може да има амбиции да биде технички па дури и реален премиер до наредните избори што треба да се одржат за помалку од 18 месеци.

Засега на оваа група никој не може да и даде гаранции дека Пенов нема да тргне буквално да го следи американскиот план за расчистување на високата корупција и со тоа да ја урниса владата на СДСМ и ДУИ и на тој начин да се наметне за премиер на политичка техничка или влада на национален спас како единствен што може да ги спои засега неспоивите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.