Домати и краставици по маркетите нема ни за лек, рафтовите речиси секаде се празни, ама затоа на зелените пазари се продаваат по цена од 180 до 200 денари за килограм домат и краставица. Ваква е сликата откако власта ги зголеми замрзнатите цени на дел од овошјето и зеленчукот. Во некои од пазарите килограм грав во ек на пости стаса и до 350 денари. Трговците не сакаат да чујат да застанат пред камера, ама оние кои се решија да кажат нешто, признаваат дека е прескапо.

Трговците за да се заштитат од инспекциите не ги пишуваат цените на производите. Кога ние ќе прашаме по која цена се продаваат најбараните, доматите и краставиците, ќе ни кажат околу 100 денари, ама кога муштериите ќе се наканат на купат – цената е дупла. Ваква е сликата по пазарите, трговите и натаму си прават големи залихи, производите ги продаваат прескапо, а граѓаните, барем оние кои мораат ќе купат по нешто.

За трговците евтино и како што велат без ќар, а за граѓаните изгор скапо, поготово по пазарите каде постојано стигнува свежа роба. Што се однесува до останатите производи во пресрет на празниците, јајцата најмногу ги има на тезгите каде има и најголеми редици. Табла се движи од 270 до 300 денари, а најбарани се белите, за подобро да фатела бојата за вапцување. Продавачите на јајца не сакаа ништо да кажат, освен дека не сакаат камери.
Од Владата кажаа дека инспекцијата ќе врши контроли, и секој кој ќе правел злоупотреби ќе плати казна. Оние кои сериозно го оштетија државниот буџет беа увозниците на овошје и зеленчук кои во Царина прикажувале лажни фактури за дебело да профитираат.





