Кој ги плати средношколците да маршираат по улиците?

Се уште нема официјален одговор на ова, според многу нешта, круцијално прашање што пак не ги спречува аматерските истражувачи да излезат со сопствени теории.



Според мене платиле овие од ВМРО-ДПМНЕ. Сите показатели водат кон нив. Имаат пари, а и да немаат ќе најдат за таков колосален потег, да ги натераш средношколците да избегаат од настава и да врескаат на улица против Владата и воздухот кои ги гушат и буквално и симболично.

Втората теорија на заговор во врска со ова прашање ја слушнав од едно момче кое нешто монтира во некаква подрумска просторија во Визбегово.

Момчакот тврди дека средношколците добиле пари од странски служби и тоа тврдење го темели на фактот дека на странците им е преку глава од неуспесите на нивните донеодамнешни фаворити и затоа одлучиле да тргнат во нова прераспределба на картите во Македонија при што тинејџерската младина треба да послужи како спотер за понатамошни дејствија потпомогнати од субверзивни елементи, а со цел инсталирање на нова уште поподобна власт.

Третата и најинтересна можност е всушност дека СДСМ самите им ставиле по некоја стотка во џебовите на скопските клинци, за да можат потоа да глумат демократи и Шилегов да добие шанса да ја набрка од работа онаа по малку хистерична директорка на „Никола Карев“ која ревносно ги мешаше боите на слугинството бранејќи им на учениците да бараат почист воздух во третиот најзагаден град во светот.

Во барабанот се и други познати и помалку познати ликови односно институции кои би можеле да ја одиграат подмолната улога, но во меѓувреме нешто друго е дури и поинтересно.

Средношколците им оддржаа час на студентите и уште повеќе на возрасните за тоа како треба секој да се бори за своите права.

Им симнавме шапка сите без збор, добија аплауз на отворена сцена од нацијата бидејќи ако сме кукаквици какви што сме, тогаш секако не сме автоматски ретардирани за да не можеме да ја видиме храброста во подвигот на малолетниците кои се осмелија да излезат јавно и да кажат што мислат, што сакаат и што бараат да се превземе за да не испоумреме сите како пилци во балканскиот Чернобил од милост нарекуван Скопје.

Се разбира, ако сме цинични можеме да кажеме и нешто друго. Имено, токму овие денови се наврши годишнината од загинувањето на народниот херој Невена Ѓеоргиева Дуња, девојка од 17 години убиена од окупаторкста фашистичка власт ( хехеххе не кажувам која) затоа што излегла в планина да ја брани слободата на овој по малку и неблагодарен народ.

Дуња според актуелните стандарди би требало да биде во трета година средно, значи иста генерација со момците и девојките кои избегаа од часови за да бараат чист воздух.

На таа девојка окупаторите и ја исекле главата, а на сегашниве можеби ќе им биде исечен само по некој изостанок од училиште.

Споредбата навистина не држи вода бидејќи во „оваа земја“ слобода за разлика од времето на Дуња имаме, а и власта не е окупаторска туку овдешна, локална, плус социјалдемократска наместо фашистичка.

Но фактите се тие. Преплашениот народ, поттикнат од Владата, а за да не се скара со европска Бугарија свесно заборава на неверојатната храброст на една обична проста македонска девојка која, сигурно со противење на родителите и доблесните соседи, зела пушка во рака за да му се спротистави на поробувачот и притоа со животот ја исплатила можноста на денешните генерации да бидат молчаливи трговци со сопствената слобода.

Во истовреме, истите генерации им се восхитуваат на своите деца бидејќи собрале храброст малку да се прошетаат по улиците и да се провикнат: Нема воздух нема мир! Циникот од погоре би можел да се запраша: Добро, кој е овде луд, кој е збунет а кој се смешка под мустаќ што има вакви поданици и гласачи?

Одговорот се крие во насловот на овој наивен текст, имено оној што ги дал парите тој е вистинскиот виновник за се. Парите господо, а не воздухот, пушката, слободата и идеологијата.

Парите одземени од вашите сметки за да се изградат туѓи бели дворови. Но вие си знаете. Дуња одамна лежи мртва а бунтовните средношколци за некоја година ќе ви се отселат во Германија.

Драган Милосављевиќ