ЕСМ и МЕПСО си ја префрлаат одговорноста, а граѓаните како по обичај трпат. На минусни температури и снег, РЕК Битола остана да работи со еден блок. На мрежа е приклучен само вториот. Службите од најголемата централа за производство на електрична енергија објаснуваат дека другиот блок не можат да го стават во функција затоа што МЕПСО не го дозволува тоа, објави Телма. Според, информации од таму оваа состојба во РЕК трае веќе извесен период. Oд МЕПСО пак велат дека прво треба да се реши проблемот со дефектот во далновод кој е во сопственост на ЕСМ. Од таму пак негираат дека проблемот е кај нив. Тврдат блокот е подготвен и се чека МЕПСО да даде зелено светло за да се вклучи на мрежа.

ОД РЕК Битола за една недела најавуваат дека во функција ќе го стават и третиот блок. Но, додека се случи тоа и додека се бара виновникот поради кој не може блок 1 да се активира, се отвара прашањето дали минусните температури кои се најавуваат и за следните денови во кој најверојатно ќе се зголеми потрошувачката ќе можат да се покријат со струјата од само еден блок во РЕК. Доста домаќинства за да се стоплат, ќе бидат принудени да вклучат и дополнителни грејни тела.
Во меѓувреме врнежите од снег веќе направија проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Битола, Охрид, Струмица, Кичево, но и во делови од скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров. Од ЕВН велат дека некои дефекти се санирани, но има и такви кои се доста комплицирани за кои е потребно повеќе време да се остранат.





