Деновиве се отвори јавна дебата за реформа во даночниот систем. Министерството за финансии имаше средби со претставници на бизнис заедницата, група со најширок опфат и спектар на интереси, а дебатата ќе продолжи со сите општествени чинители. Министерот за финансии, Фатмир Бесими викендов преку колумна го презентираше концептот на даночната реформа, кој е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на граѓаните. Во јавноста, пак, има полемики и спротивставени мислења за тоа кој добива, а кој губи од даночните реформи објави Дојче Веле на македонски јазик.
Бесими најавува голема фискална реформа, или СМАРТ систем на јавни финансии. Овој систем ќе игра значајна улога во заздравувањето на економијата од кризата со која се соочуваме изминатите две години. Понатаму, тој ќе продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На расходната страна ќе се воведат механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност.
„На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии, вели Бесими.
Концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаат својот „фер дел“ (праведен дел). „Ова е реално најисправниот начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример антикризните пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг“, вели министерот за финансии.
Суштина на даночната реформа која се предлага е праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено“ оданочување. Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување, со кое придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси со цел да се постигне одржлив економски развој.
Бесими вели дека во процесот на даночната реформа, јавната дебата, но и понатаму во дизајнот на предлозите, ќе има многу „за“ и „против“, лоби групи, заинтересирани страни. Несомнено, многумина ќе си ги бранат индивидуалните интереси.
„Секогаш постоела одбивност, спротивставеност, па дури и некој вид страв, од даночни реформи. Така било и во услови на рецесија и кога се постигнувале највисоки стапки на раст. Така е и на секаде во светот“, вели Славко Лазовски од Центарот за даночна политика за ДВ.
Но, според него, даночната историја не учи дека на сите им било подобро по спроведената даночна реформа. „Ние, денес, не можеме да си го замислиме светот, тој свет не би бил ваков, доколку не правеле даночни реформи. Значи, неопходната од даночни реформи е неспорна“, додава тој.
Но, кој е тој што вистински треба да се плаши од даночните реформи? Кој реално губи, а кој добива од даночните реформи?
„Ако е погледнеме структурата на населението, наједноставно: децата и младите, вработените ( наемните работници), пензионерите и тн. . ќе видиме дека во Македонија оние 3, 2% од населението имаат основа да бидат реално загрижени за чепнувањето од нивните високи, превисоки доходи. Иако, тоа мало чепнување, по сосема кратко време, нив и само на нив, ќе им донесе уште поголеми доходи“, дециден е Лазовски.
За него е несфатливо како може вработените, пензионерите, па и „оние 450.000 наши сограѓани кои не знаат дали следниот ден ќе имаат доволно да се нахранат“, сите тие се противат на даночните реформи.
Но, губитници реално нема. Единствени ,,губитници“ се политичарите. Тие се најголеми противници на даноците, па и на даночните реформи, вели Лазовски.






