Анонимен подносител доставил иницијатива за одземање на лиценцата на ТВ Алсат, а АВМУ ја ставила на дневен ред на Советот, јавува 360 Степени која се емитува на истата телевизија.
ТВ Алсат важи за критична кон ДУИ и СДСМ и како блиска на делови од таканаречената ,,Огнена група” на Изет Меџити.
Телевизијата ја води синот на екс министерот за финансии Џевдет Хајредини кој е исклучително критичен кон владата на Ковачевски и Ахмети.
Иницијативата е отфрлена, но го отвора прашањето – зошто воопшто добила таква легитимација (иницијативата била нецелосна) и дали ова е инструмент кој може да се користи за заплашување и на други медиуми, пишува порталот.
Првиот човек на АВМУ, директорот Зоран Трајчевски, вели дека поднесувањето ваква иницијатива може да се толкува и како притисок врз телевизијата Алсат. Но, додава, иако биле свесни дека е нецелосна, можеле да ја отфрлат само на седница на Советот.
Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) вчера ја одржа 22. седница. Под реден број 3 се најде точката „Предлог-решение за отфрлање на Иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на ТРД АЛСАТ-М ДОО Скопје“.
Станува збор за иницијатива која била поднесена анонимно. Првично, неколку дена пред одржување на седницата, било предложено да се стави на дневен ред информација за иницијативата, но до одржувањето на седницата насловот на точката бил сменет во „Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М“.
„Точка три гласеше ’информација‘, бидејќи овој дневен ред беше од пред неколку дена. Во меѓувреме, во конечниот материјал е изменета содржината и сега ќе гласи ’Предлог-решение за отфрлање на иницијативата за одземање на дозволата за телевизиско емитување на Алсат-М‘“,
било посочено вчера на почетокот на седницата јавува 360 Степени.






