Операторот на пазарот на електрична енергија МЕМО ги објави најголемите продавачи на електрична енергија во Македонија во својот биланс за 2022, во кој освен најголемиот произведувач АД ЕСМ и универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, доминираат и увозниците кои традиционално тргуваат со струја.

Според тоа, може да се каже дека нема значајни промени во структурата на продажбата на електричната енергија и покрај енергетската криза која беше најавувана уште од средината на 2021 и потребата од големи инвестиции во домашното производство.
Очекувано, АД ЕСМ е број еден со 4.430.896.535 продадени мегаватчасови, додека ЕВН Хоме на домаќинствата и малите потрошувачи им продала струја од 3.744.950.587 мегаватчасови.
На третото место е гасната централа АД ТЕ-ТО со 946.508.345 мегаватчасови продадени на слободниот пазар. Четврт е ЕВН Снабдување, фирмата-ќерка која продава електрична енергија на слободниот пазар со реализирани 961.529.237 мегаватчасови. Уште една фирма-ќерка – ЕВН Електродистрибуција е во Топ-5. Операторот кој ги покрива загубите во дистрибутивната мрежа реализирал 855.855.000 мегаватчасови.
ЕВН Трејдинг, уште една фирма-ќерка која тргува со увозна електрична енергија, продала 808.304.000 мегаватчасови, а понатаму на седмата позиција е словенечката компанија ГЕН-И со продадени 594.337.000 мегаватчасови.
Последните три од најголемите десетмина продавачи се грчкиот ЕДС, познат по тоа што ги снабдува со продажба државните институции, со 430.018.152 мегаватчасови. ЕСМ Продажба, фирмата-ќерка на АД ЕСМ, која на слободниот пазар пред се ги снабдува со струја болниците, училиштата и другите институции, е на 9.место со 403.451.195, додека термоелектраната на мазут ТЕЦ Неготино, која претходно не работеше од 2009, е последна во првите десет со 401.262.272 мегаватчасови.
1. АД ЕСМ 4.430.896.535 MW
2. ЕВН Хоме 3.744.950.587
3. ТЕ-ТО 946.508.345
4. ЕВН Снабдување 961.529.237
5. Електродистрибуција 855.855.000
6. ЕВН Трејдинг 808.304.0007. ГЕН-И 594.337.000
8. ЕДС 430.018.152
9. ЕСМ Продажба 403.451.195
10. ТЕЦ Неготино 401.262.272
11. ЕФТ Скопје 307.184.000
12. ЕТМТ 287.654.457
13. Соларис ТРД 186.746.000
14. РЕС 163.014.493





