Кога владата не спречува понижувања: Уредник во Телма бара бојкот за големобугарските паради

Долгогодишен новинар и уредник во ТВ Телма која во јавноста важи за блиска на СДСМ, најмногу поради законот со кој СДСМ и ДУИ доделија 33 милиони евра за Макпетрол (сопственик на Телма) за гасоводот ГАМА, предлага македонските медиуми да ги бојкотираат сите активности на бугарските власти на кои се понижува Македонија.



,,Кога Владата (државата) не може или не сака да ги спречи овие понижувања од големобугарската идеологија кон Македонија, можеби во иднина треба ние медиумите да размислиме за целосно игнорирање најмалку на секоја друга “приватна” парада на Петков, Јотова и нивната тајфа, наместо да го документираме тоа јавно газење по нашето достоинство, аминувано (со дел од најелитнито полициско обезбедуање) и од нашата држава”, пишува новинарот чие име нема да го објавиме затоа што својот пост не го објавува јавно туку само за пријатели.

Правилата на Фејсбук не спречуваат сепак да се објавуваат вакви пораки кои не се за целата јавност а имаат јавен интерес без да се спомене авторот.

Повеќе други новинари, активисти, општественици, екс пратеник на СДСМ и луѓе од кабинети на функционери ја поддржуваат идејата на уредникот но има и такви кои сметаат дека бојкот е погрешен чекор затоа што јавноста има право да биде информирана за се но дека известувачите треба да ги дадат сите аспекти на настанот а не само да ,,држат микрофони”.

,,Ваквите настани секако не би можеле/смееле да се игнорираат од медиумските куќи – врвот на бугарското политичко водство сепак ни дошол дома, а локално предизвикува општествена реакција. Професионалното известување бара повеќеаспектен пристап: да, нека си кажат бугарските претставници што имаат да кажат во јавноста (дека Иван Михајлов е мост за културна соработка меѓу двете земји), но обврска на професионалните новинари е да пренесат и други научно-потврдени факти за политичките ставови на И. Михајлов во тоа време, ставови на македонската историографија итн. На овој начин гледачот ќе може да добие сеопфатен поглед за темата, којашто е предмет на уредувачка обработка. Репортерите на терен имаат право и обврска да поставуваат и критички прашања, не само да држат микрофони.
Ако репортерот од терен пренесе само голи изјави од бугарските претставници со атмосфера без притоа да следи дополнително, пошироко врамување на темата, постои опасност од еднострано или парцијално информирање на јавноста. Обврските на медиумите да информираат и да едуцираат (би требало да) се исполнуваат преку секој медиумски производ, пласиран преку системите за јавно информирање”, стои во аргументацијата зошто не треба да се бојкотираат големобугарски и слични антимакедонски настани.