Непишано правило за сите вршители на каква било функција е дека последното нешто што им е потребно е да влезат во судир со новинарите. Арно ама, оној шо го викат премиер, забравам му го името, отиде чекор понатаму, па на новинарка реши да ѝ продава памет. Демек, парно ќе имало со греење вода во топланите и испорачување до домаќинствата?!
Не зафркавај! Онаа греота насадена од ништо помалку неспособниот Заев, за која никој жив не гласал на избори, си зела слобода да се исмева со некого?! Па уште ѝ се прави преумен на жена?!
Бравос, бе! Алал ти храброста, мажиште едно! Културно го прашуваат, а тој се замислува дека е некое големо фраериште, па ќе понижувал некого?!
„Првин, ако добро сте следеле и доколку ги плаќате сметките, не знам дали плаќате дома сметки…“!
Каде со навредиве, и тоа на лична основа, бе, Таче? Кој ти дал право јавно да прозиваш некого дали плаќал сметки? На чело да не му пишува дека (не) го прави тоа? Дури и да не плаќа, си има институции што се занимаваат со тоа и кои по службена должност ќе го гонат. Кај се чуло и видело премиер да го прави тоа?!
Работата на новинар(к)ите е да поставуваат прашања, а на државен службеник, па нека е и шеф на Владата, да одговара, а не да покажува ароганција, и тоа обратнопропорционална од тоа што го сработил откога е на најмоќната оперативна функција во државата. За вакво „понашање“ во секоја нормална земја, да не зборуваме за тие со развиена демократија, продавачов на духовитост што им е смешна само на неговите подредени, како тројцана искезени министри зад него на вонредната прес-конференција, веќе ќе беше бивш премиер.
Даночните обврзници, кои ја полнат државната каса од која зема плата некадарников и од која тој божем креира политики, а во суштина проблеми, сакаат конкретни решенија за нив, а не „шетање по керамиди“ од самозамислени величини. А најмалку што им треба е некој да им глуми маалски мангуп и да ги омаловажува „адвокатите на јавноста“, какви што се претставниците на средствата за масовно информирање. Исмевајќи ги нив, крајно лошава копија на муртинецот, всушност, директно ги прави недоветни граѓаните, истите тие од кои утре ќе бара поддршка на избори?!
Од нив, пак, бега како ѓавол од крст, давајќи си „фора“ до редовниот термин по две години. Дотогаш белким ќе му светне дека, како што од секое дрво не бидува шупелка, така и некои птици никогаш не полетуваат. На пример, мисирките…





