Здружената иницијатива на 12 организации и активистички групи во Скопје – „Зелен хуман град“ повикува на протестен собир поради сечата на дрвја која се случи неделава во центарот на градот.
Собирот ќе се одржи утре, на 13 јуни, во 12 часот напладне на улицата Орце Николов и ќе трае до 15 часот.
Иницијаторите на протестот не се согласуваат со образложениоето од градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, кое пристигнало откако штетата била веќе направена.
„Повеќето од исечените дрвја беа со зелени крошни, а не целосно суви и трули како што тврди Општина Центар, а и тие што биле заболени можело да се лечат наместо да се сечат – и да се ужива во нивните благодати додека младите дрвја не пораснат! Додека новозасадените дрвца пораснат и станат целосно функционални за апсорпција на јаглерод диоксид и заробување на ПМ честичките со листовите – ќе поминат децении. За властите, за ова може да се почека, но за парите не може.
Револтот од ваквиот однос ќе го изразиме на местото на злосторот во недела, точно на пладне. Ќе застанеме во круг околу целиот простор на кој дрвјата беа колатерална штета на погубни политики и со минута молк ќе им оддадеме почит на паднатите битија кои со децении ни го прочистуваа воздухот што го дишеме“, велат од здружението.







