Кога парите на “човекот на Заев” вредат 10 пати повеќе – пишува Горан Момироски

Никогаш не ме бивало за математика и затоа уште во средно училиште се запишав во средно управно училиште за да избегнам да учам алгебра и геометрија во трета и четврта година.



Но не сум толку математички неписмен за да не знам дека кауцијата на бизнисменот Орце Камчев од 5 милиони евра вреди 10 пати повеќе од кауцијата на Драги Рашковски кој дал гаранции во висина од само 500 илјади евра за да биде пуштен од затворски притвор.

Притоа за гаранциите на Камчев се знае изворот а за Рашковски се уште се води финансиска истрага која може да утврди дека блискиот соработник а Заев дал гаранција која можеби е спечалена со криминални дела.

И за двајцата Вишото јавно обвинителство дало позитивно мислење дека треба да го напуштат затворскиот противор но Апелација дома го испраќа погодете кого: Човекот кој беше шеф во владата и за кој иако е јасно дека е длабоко заглибен во криминал до гуша беше бранет и се уште е заштитен од најмоќниот човек во државата, премиерот Заев.

Другиот осомничен кој стана најголем непријател на Заев по откривањето на аферата Рекет е одбиен од Апелација.

Што мислите зошто?

Дали парите на Рашковски кои во младоста никогаш ги немал ниту за основни потреби се десет пати повредни од тие на бизнисменот што преку своето семејство правел милиони во сите влади од независноста.

Или некој човек од некој кабинет се јавил на луѓето што ги контролираат судиите во Апелациониот суд со наредба Камчев по секоја цена да остане во затворски притвор?

Не сум толку глуп за да помислам дека овде главната улога во одлуката за притворите на Камчев и Рашковски се носи врз основа на законски претпоставки.

Совршено ми е јасно дека пораката што ја носи власта со домашниот притвор за Рашковски и затворскиот на Камчев е дека сите што се со Заев ќе се спасат а сите што се против него ќе гнијат во пеколот.

Нешто слично на ова правеше ВМРО-ДПМНЕ кога недоволно јасно ги негираше обвинувањата за наводно убиство на Николче Младенов од страна на владата на ВМРО-ДПМНЕ по што во јавноста се прошири лажна приказна дека секој што во тоа време беше против Мијалков и Груевски ќе заврши како што заврши новинарот.

Сега власта оди чекор потаму. Преку вистински криминалец праќа порака дека не е важно дали си крадел туку дали си на страната на владата.

Никогаш не сум го сретнал во живо Орце Камчев ниту имам посебно позитивно мислење за него но не можам да сфатам како човекот што со децении плаќал 50 милиони евра данок на државата, што додека беше осомничен 50 пати бил во странство и се враќал, што 50 пати досега можел да избега, што има повеќе пасоши од повеќе држави, одеднаш станува поопасен од Рашковски кој има најмалку три истраги со извесен крај и чии што соработници во незаконските дела додека тој е во домашен притвор деновиве интензивно инсталираат апликации за тајна комуникација.

Притоа Рашковски е првоосомничен во три истраги на кои може се уште да влијае а Камчев е шестоосомничен во истрага за кое обвинителството долги години води истрага и досега не собрало доволно докази за процес.

Аргументите за домашниот притвор на Камчев се три пати посилни од тие на Рашковски но пораката од случајот Младенов сега е дополнета и надградена од власта на Зоран Заев:

“Ќе ве уништиме сите вие кои се борите против власта на СДСМ а во исто време ќе ги спасиме сите кои се дел од мрежата на Зоран Заев без разлика што сите знаат дека се криминалци”.

Никогаш не сум сакал реваншизам и ден денеска се борам со аргументи против тезата дека сите што направиле нечовештини треба да одговараат по принципот “Заб за заб, око за око”.

За жал имам се помалку аргументи во дебатите со луѓето кои се решени да го применат исконскиот принцип за остварување на правдата во ситуација кога власта инсистира на своите интереси пред правдата.

Јас не се откажувам од моите убедувања и до крај ќе се борам против насилство и реваншизмот кон тие што водени од политичко слепило и нечовечност газат преку човечки тела за да ги спасат своите кариери и позиции.

Но признавам ќе имам минимална доза разбирање за тие што еден ден, а тој ден бездруго ќе дојде, злостирници ќе бидат влечени по улици, судници, затвори, и други локации. Никој од нас не може да се избори целосно со атавизмот што го носиме во гените.

Тие што го сеат семето на омраза и нечовечност не смеат да очекуваат дека на нивните камења ќе им биде возвратено со лебови. А ние што мислиме дека само правната држава е лек за сите наши човечки слабости ќе бидеме немоќни и малцинство.

На судиите во Апелациониот судови и другите кровосудни институции, на Заев, на Рашковски и другите што го сеат семето на омразата и нечовештината им е јасно што зборувам и голем дел од нив се подготвуваат за ова црно сценарио.

Затоа што знаат дека еден ден кога Преспанскиот ветер во грбот ќе запре и ќе останат сами, очи во очи со луѓето кои ги газат, понижуваат, малтретираат или поништуваат.

Тогаш нека се молат освен таквите како мене и господ да им биде на помош. Ќе им треба, за да останат на нозе.