Поимот „курназ“ во македонскиот дигитален речник се опишува како „некој што се прави недоветен, а всушност е многу паметен“. Токму таков се обиде да одглуми косовскиот премиер Албин Курти при вчерашната неофицијална посета на Македонија.
Лидерот на косовското Движење за самоопределување во Тетово и во Скопје проба да се претстави како лидер на Албанците во регионот, а на крајот излезе само обичен националист, кој ги злоупотребува достоинството и добрососедството на Македонија и на Македонците. Во државата што ја призна независноста на Косово, замерувајќи се со Србија, иако пет членки на Европската унија (Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар) немаа(т) намера да го сторат тоа, Курти немаше проблем пред очите да му мавтаат со знаме на Голема Албанија.
Плус не му пречеше ни што му интонираа само химна на Албанија, му вееја знамиња на таа земја и на неговото Косово, а никаде наоколу немаше ниту едно државно обележје на државата што ја посети. Покрај тоа, Албин си зеде слобода да ѝ држи лекции на Македонија, мешајќи се во нејзините внатрешни работи со повикот да била поблиска со Албанија, Косово и Бугарија, а не со Србија?!
Додека во земјата во која премиерствува не ја есапи меѓународната заедница, на чело со САД и со Европската унија, во однос на преземените обврски за формирање Заедница на српски општини на северот од Косово, Албин би да ѝ попува на Македонија. И да се топи од соблазнување кога тетовскиот градоначалник Билал Касами ќе го именува како „премиер на сите Албанци“?!
Што е многу, многу е. Македонците ден-денес не можат да им објаснат на Србите зошто државата им го признала Косово, иако отцепената српска покраина и понатаму не е членка на Обединетите нации. А претседателот на Владата во Приштина решил да собира евтини политички поени низ македонските градови, кои според иконографијата при неговиот пречек изгледаа како да се во Албанија.
Па, уште ќе најавувал патишта за поврзување на Вејце со Призрен и слични научнофантастични планови и идеи. А бе неспособниве ни два километра автопат од Блаце накај Скопје со години не можат да изградат, не па од Шар Планина да се поврзеле со Косово.
Ако имаше барем малку сенс каде доаѓа, Курти немаше да си дозволи да биде (зло)употребен во преименувањето на улицата „Втора македонска бригада“ во Чаир во „Адем Демаќи“, кој нема ама баш никаква врска со Скопје и со Македонија. Навредата за Македонците да биде поголема, Албин се вклучи во бришењето на обележјето со кое ѝ се оддава почит на бригадата која од 480 борци при формирањето дала дури 245 жртви при пробивањето на Сремскиот фронт и уште педесетина херои што паднаа при ослободувањето на Прилеп и на Кичево, како и оротив Германците при нивното повлекување од Грција! Има ли Курти нешто против борбата со најголемото зло во историјата на човештвото?
Џабе курназлакот на Курти, кога во екот на повампирувањето на фашизмот низ многу делови на Европа и во светот послужи во ништењето на антифашистичките симболи, па макар тоа била и табла со име на обична улица. Со сообразувањето со агендата на своите домаќини, не само што не помогна за сожителството на Македонците и Албанците, туку непотребно ги разгоре меѓусебната недоверба и нетрпеливост.
Македонија ама баш со ништо не го заслужи ова, имајќи ја предвид и подадената рака на 360 илјади косовски бегалци во 1999 година. Напротив.






