Кога и цените за јагнињата ќе стивнат

Албанија и Бугарија и покрај пандемијата успеаја да ги продадат јагнињата без да ги спуштат цените, а кај нас 40 отсто од јагнињата се уште не се продадени, пишува „Вечер“.



Ниските откупни цени од 100 денари по килограм жива мера, монопол од 4-5 регистрирани кланични капацитети кој ги диктираат цените, зголемени трошоци за храна, насобрани долгови и многу ветени и неисплатени субвенции, се стандардни проблеми покрај актуелниот – корона вирусот.

Сточарите се жалат дека пандемијата директно го погоди овчарството. Извозот на јагниња се преполови, цената на килограм жива мера се намали за 20 до 25 денари, а околу 30 до 40 отсто од јагнињата во државата останаа непродадени.

„Ние и без корона-кризата сме во загуба. Производната цена е 174 денари килограм жива мера, а на сточарите им се откупува по 100 денари. Во Италија македонското јагне се продава по 15 евра килограм, а во нашите месарници по 5 и 6 евра за килограм. Се прашувам каде одат тие пари“, вели за „Вечер“ Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“.

Тој апелира до откупувачите и трговците во овие тешки времиња барем да ги намалат маржите за да можат домашните потрошувачи да јадат квалитетно јагне. Веќе ако го даваме 100 денари килограм жива мера и цените во маркетите да не бидат толку високи и секој да може да си купи јагнешко за Велигден.

Според податоците минатата година биле откупени 180.000 јагниња, а годинава досега се откупени само 85.000. Најмногу се извезува во Италија, а далеку помали пазари се Хрватска и Грција. Вообичаено шпицот на пласманот е пред или за време на велигденските празници.