Градоначалникот на Куманово од редовите на СДСМ, Максим Димитриевски, деновиве се соочува со нова, за него невообичаена и неочекувана ситуација.
Откако јавно проговори за хаосот што се случува во градот што го води и за тоа индиректно ги обвини државните институции што ги води неговата партија, доживеа трансформација на познатата изрека за митралезот Максим кој „лупа“ по дивизија.
Во неговиот случај изреката звучи поинаку – сега „дивизијата ‘лупа’ по Максим“.
За само две-три недели градоначалникот на Куманово, од почитуван член на СДСМ, за повеќе членови на пропагандната машинерија на власта стана отпадник и предмет на жестоки напади. Пред сè, на социјалните мрежи, но и во медиуми кои се доживуваат како сериозни.
Нападот, односно „лупањето“ на (пропагандната) дивизија по Максим (Димитриевски) започна откако Владата го одби неговиот апел, по примерот на Дебар, и Куманово да добие специјални мерки за изолација.
Состојбата кулминира во последниве денови, кога во „лупањето“ по Максим се вклучија и „специјални сили“, односно новинари и медиуми кои пишуваат специјални анализи со кои го „лупаат“ некогаш почитуваниот Максим.
Ако се следи патернот што се користел во вакви слични ситуации во Македонија, а кој го користеле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, следен чекор е власта да почне јавно да зборува за кривично-правни поведенија на својот градоначалник (за кои веќе почнаа да се шират информации) во обид да го „смири“.
Официјално објаснување за овој внатрепартиски судир во СДСМ нема, а на социјалните мрежи можат да се прочитаат голем број на објаснувања и прашања кои укажуваат на можната причина на „лупањето“ по Максим.
Едно од тврдењата вели дека Димитриевски знае колку е низок рејтингот на неговата партија и сака навреме да се оддалечи од неа, со цел можеби како независен кандидат да добие нов мандат.
Друга анализа што може да се чуе неформално од редовите на СДСМ вели дека Максим треба да биде веднаш елиминиран од трката за градоначалник на Куманово, за да се направи место за актуелниот технички премиер Оливер Спасовски, кој по заминувањето на неговата партија од власт по наредните избори не треба да остане пратеник, туку да биде дел од извршната власт макар и на локално ниво.
Комбинации и шпекулации има многу, но едно е сигурно – во Куманово ситуацијата допрва ќе се развива.
Кумановци кои добро го познаваат Димитриевски знаат дека тој нема да ѝ прости на својата партија што го остави на цедило, а извесно е дека тој поради идеолошки причини нема да влезе во било каква комбинација со ВМРО-ДПМНЕ, која, пак, во внатрепартискиот судир во СДСМ гледа шанса првпат да добие свој градоначалник на Куманово.
Во случајот со Максим, кој некогаш „лупаше“ по туѓи дивизии, а сега го „лупаат“ од неговата дивизија, се покажува уште еднаш друго важно правило, актуелно и во македонската реалност: во политиката нема вечни пријатели, туку само вечни интереси, без разлика дали се лични, партиски, национални или државни.





