Дали некогаш основните работи во македонското здравство ќе се средат, револтирано прашуваат граѓаните, кои едвај стигнуваат до лекар специјалист и тоа голем дел од нив само за да добијат мислење за продолжување на терапијата за нивната хронична болест. Други пак, кои се обратија до редакцијата на Фактор, велат дека секојдневно добиваат пораки од системот МојТермин за преледи кои никогаш не ги побарале. Револт изразуваат и матичните лекари кои на нивните пациенти не можат да им обезбедат термин, за акутно заболување, за кое мора веднаш мислење да даде лекар специјалист.
-Работата е дојдена дотаму, „никогаш да не ти затреба доктор“. Па тоа е вистинска голгота низ што се треба да се помине за 10-тина минути кај специјалистот кој треба само да напише „продолжување на терапијата“ за хроничното заболување. Повеќе од два месеци интернистката во координација со матичната лекарка се обидуваше да ми закаже термин. Во системот гледаа и едната и другата. Тоа се успеа некако. Дојде денот со закажаниот термин. Но, кое е значењето на МОЈ ТЕРМИН, кога мојот термин не е мој термин. Лекарот специјалист, конкретно на Клиниката за гастроентерохепатологија го чекавме најмалку 45 минути да дојде. Закажани пациенти од 9.00, лекарот го нема. Значи првиот пациент, го губи терминот, вториот пациент го губи терминот, третиот пациент го губи терминот. 
Почнувајќи од 9.45, на ред треба да биде четвртиот пациент, но од страна влегуваат други, незакажани пациенти. Тогаш која е логиката да постои МОЈ ТЕРМИН. Навистина се преминати сите граници на човечноста, а тоа што најмногу загрижува е што приватните ординации им функционираат непречено. Онаму каде што пациентот треба да плаќа, нема проблем, во секое време се достапни, револтирано вели пензионерката К.Б. од Скопје, која повеќе од три саати поминала во клиничките ходници при закажан МОЈ ТЕРМИН.
Истовремено до Фактор се обратија и граѓани кои посочуваат дека со СМС пораки се информирани за закажани прегледи кои никогаш не ги побарале.
-Навистина не знам како успеваат толку многу да грешат. Тогаш вистинскиот пациент кој треба да отиде на лекар останува без основната информација. Погледнете колку многу погрешни термини и тоа не само за во Скопје, туку и во другите градови. Има ли некој навистина што ќе ја работи работата како што треба. Ова на почетокот ми беше смешно, но проблемот е сериозен. Информации за закажани термини добиваат луѓе на кои не им се потребни, вели О.П. од Скопје, која што достави и фотографии од пораките.
Линк до целиот текст.





