Коѕијас за оставката: Ципрас се однесуваше како Понтиј Пилат

Никос Коѕијас, кој се повлече од функцијата министер за надворешни работи на Грција минатиот месец, го критикуваше премиерот Алексис Ципрас за тоа што не го поддржал во судирот со помалиот коалициски партнер Панос Каменос во врска со Преспански договор.



„Ципрас се однесуваше како Понтиј Пилат“, изјави Коѕијас за „Њуз 24/7“, мислејќи на римскиот гувернер, кој го наредил распнувањето на Исус Христос.

Коѕијас поднесе оставка по жешката седница на Владата, на која влезе во вербален дуел со министерот за одбрана околу договорот за името со Македонија во јуни.

„Кога некој ја поткопува владината политика, тогаш таа мора да се брани во јавноста. Тоа не се случи за време на владината седница, по која си дадов оставка“, изјави шефот на грчката дипломатија.

Коѕијас, кој се смета за архитект на договорот за името, додаде дека многу кампањи за промоција на договорот во Северна Грција биле спроведени така „за да не се вознемирува коалицискиот партнер“.