Коѕијас во Охрид ќе ја решава „квадратурата на кругот“ за името

Министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, неделава се очекува да оствари средба со неговиот македонски колега, Димитров во Охрид. Разговорите, кои се очекува да се одржат на 12 април, ќе се однесуваат на критичните прашања: ревизија на македонскиот Устав, erga omnes примена на новото име, идентитет и јазик, како и за конечно изнаоѓање на формула/road map за евроатлантскиот курс на балканската земја, пишува грчкиот „То Вима“.



Доколку се најдат решенија, специјалниот пратеник на генералниот секретар на Обединетите нации, Метју Нимиц, ќе се врати во преговарачкиот процес. Во исто време, „зелено светло“ треба да дадат премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев. Двајцата имаат канал за комуникација и не е исклучено, ако условите се зрели, да има нова премиерска средба. .

Во опширната анализа весникот оценува дека Атина се обидува да ја реши „квадратурата на кругот“ во разговорите околу името, па дури и ако не е можно да се најде решение до лето за да се избегнат обвинувањата и во домашната јавност и надвор, а целта да се создаде „патна карта“ која не мора да се исполни во критичниот период од два месеца јуни – јули. Причината е јасна: распоредот на силите во парламентот на Пораншната југословенска република Македонија (ФИРОМ) не овозможува да има ревизијата на Уставот на соседната земја,констатира авторото на анализата.

Некои извори споменуваат можност на Скопје да му се понуди еден вид „надграден однос“ со Алијансата додека не направи измени на уставот. Проблемот е дека вакви аранжмани НАТО им нуди на земји кои не се стремат да станат членки или од политички причини не се очекува да се приклучат во догледна иднина.

Но, Македонија веќе има поминато голем дел од својот пат да влезе во Алијансата, откако во 1995 година доби Акционен план за членство (МАП). Зошто би прифатила режим кој е прилично инфериорен во однос на сегашниот?

И што би можело да се случи ако Скопје одлучи да ја искористи интерпретацијата на Времената спогодба од страна на Меѓународниот суд на правдата во Хаг за ставот на Грција на Самитот во Букурешт во 2008 година.

Претставници на грчкото Министерство за надворешни работи, кои знаат како размислува министерот  Коцијас, поради чувствителноста на прашањето не сакаат јавно да зборуваат, но велат дека можно е првичните позиции да бидат сменети зависно од текот на преговорите. Можеби, пишува „То вима“ Атина е подготвена да се повлече, на пример, од позицијата за Горнамакедонија која е на словенски јазик и без превод, за да се задоволат другите грчки барања.

Вклучувањето на новото име во Уставот (како и некои измени на членовите, како што е членот 49 во врска со „македонската дијаспора“) се смета дека на Грција ѝ ги дава неопходни политички гаранции за искоренување на „неодговорноста“ на другата страна.

Весникот, повикувајќи се на владините извори, пишува дека земјите, како што се Германија и САД, сметаат дека треба да има уставна ревизија во Македонија, но дека речиси е невозможно тоа да помине во парламентот – до лето.