Шефот на грчката дипломатија во мега интервју за АНА-МПА вели дека условите за решавање на спорот со Скопје биле созреани и ги отфрла критиките дека се избрзало со договорот од Преспа.
„Ни велат дека сме избрзале, условите беа зрели, условите кога се зрели значи дека треба да го направите тоа што треба да го направите“, вели Коѕијас и додава дека она што требало да се одговори е „Дали сакаме Македонија под влијание на Турција или Македонија што има пријателски однос со нас? Тоа е она што треба да го одговориме, а не дали ни се брзало или не“.
Во продолжение Коѕијас додава: „Дали сакаме ФИРОМ во кој ќе се развива словенскиот фундаментализам и ќе има движење на тероризам од север кон грчка Македонија или сакаме да ги отстраниме причините и можностите за зајакнување на словенскиот фундаментализам и тероризмот на нашиот северен дел?
Ние сакаме земја која ќе се стабилизира и ќе биде сплотена со нас финансиски, географски“.
Запрашан дали ова е најдобриот договор што Грција можела да го направи со Скопје, Коѕијас вели:
„Можеше да се направи подобар договор ако јас и Вие седевме дома и правевме договор, без другата страна, тогаш во ред. Тогаш, како што реков, не би ја нарекол Северна Македонија, би ја нарекол Северна Аљаска“.
Коѕијас вели дека „сакаме другата страна да го убеди сопственото општество, да го придобие мнозинството, на референдумот, да го ревидира својот устав, да направи тешки работи.“
Прво, има промена на името, Северна Македонија.. Но договорот сé уште не е ратификуван…
Второ, се очекува договорот да го промени членот 49 од Уставот, кој зборува за македонска нација во соседните земји, именоза малцинствата, а кои претходните влади го оставија во Привремената спогодба.
„Заев се согласи да го смени тоа и да го копира грчкиот устав дословно во ставот 18, што секако не се однесува на малцинствата внатре, но се однесува на одбраната и помагањето на нашиот иселенички хелинизам и нашата дијаспора. И јас се согласив со него, за копирањето на многу добрата грчка формулација.
Што се однесува до границите, посебен став во договорот се однесува на неповредливоста на границите, „но и дека нема да дозволиме насилство од нив овде и од нас таму“, вели грчкиот министер за надворешни работи.
Запрашан како го толкува фактот дека шест од десет Грци велат „не“ на договорот, Коѕијас вели:
„Мислам дека мнозинството Грци, како мене, емоционално го велат тоа…“ рекол Коѕијас, како што пренесува „Катимерини“.
Во овој контекст тој ја обвини актуелната опозиција – НД и ПАСОК, „кои владееја со земјата со децении по падот на хунтата“ – кои го критикуваат договорот, но и дел од медиумите кои не придонесуваат грчкиот народ подобро ќе ги разбере своите интереси.
Коѕијас даде пример, како една дама на улица му рекла: „Не се срамите ли да го дадете Солун за главен град на скопската држава“. Според министерот тоа се глупости и вели она што не недостасува во Грција е „злоба и недостаток на точни информации“.
Тој не ја обвинува дамата туку оние, како што вели, кои, „со цел да ја промовираат својата опозиција, поткопуваат договор за кој валидните странски весници го нарекуваат ремек-дело на дипломатски договор“.




