Во Окружниот суд во Бон на 16 септември почна судењето на 46-годишен маж од Македонија за 19 провали и кражби во Германија заради враќање коцкарски долгови, но го прокоцкал и пленот.
Семејниот човек, кој веќе имал кривично досие во Германија, уште на почетокот од суедењето ги признал сите наводи од обвинението, кое го товари за ограбување домови во Бон, Борнхајм, Алфтер, Тројсдорф и во Санкт Аугустин.
Бидејќи не можел да најде работа во Македонија за да ги врати огромните коцкарски долгови, а од страв од „заемодавците“, тој помислил дека би можел да го стори тоа со провали.
Криминалниот план почнал да го спроведува во дело на (католичкиот) Божик во 2019 година и бил доста успешен – пленот му достигнал вкупна вредност од речиси 90.000 евра, од кои 35.000 само од една семејна куќа во Борнхајм.
Крадел накит, часовници, сребрен прибор за јадење, електронски уреди, па дури и алармен пиштол од типот „Валтер“, вклучувајќи и муниција.
Три пати немал среќа – еднаш упаднал во куќа во фаза на реновирање, во која немало што да се украде, другпат за малку ќе бил фатен на дело од сопственикот на домот во кој влегол и одвај успеал да избега преку балконот од првиот кат.
Но, во март годинава полицијата конечно го приведе, и тоа со „свеж“ плен. Отпрвин бил уапсен само за три провали, но по споредбата со неговата ДНК, пораснал бројот на неговите откриени криминални потфати.
Но, од богатиот плен не останало ништо. Наводно, тој вложил сè на спортско обложување, со кое сакал да го зголеми украдениот плен и – сè прокоцкал. Му останал и коцкарскиот долг во татковината.





