Косовскиот адвокат Аријанит Коци изреагира на одредувањето на неговиот сонародник Дритан Абазовиќ од Црна Гора како мандатар и нов можен премиер на Владата на оваа држава со ставот дека „Албанците се балканска сила и фактор на стабилноста во овој дел на Европа, бидејќи албански премиери има во Албанија, Косово и Црна Гора, а во Македонија имаат и претседател на Парламентот“. Во веста со наслов „Предупредувањето на Аријан Коци: ние сме сила, а не шега, доаѓа времето на Албанците!“ весникот на албански јазик „Бота сот“ од Косово ја пренесе објавата на Коци на неговиот фејсбук-профил:
„Тројца албански премиери во три држави, во четвртата држава претседател на Парламент.“
„Ние, Албанците сме сила, а не шега.“
„Всушност, ние сме без сомневање балканска сила.“
„Фактор на стабилноста во овој дел на Европа.“
„Оваа сила треба да ја користиме колку е можно повеќе да се школуваме, колку е можно повеќе да се образуваме и колку е можно повеќе да зрееме политички.“
„Треба да ги следиме националните интереси и да бидеме колку е можно подобри, покоректни и поучтиви кон соседите.“





