Коцарев: За европска иднина со нас, треба да замислиме минато без нас

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев, ја констатира евроинтеграциската уцена на Македонија и на Македонците со откажување од тоа што се.



„Македонизмот подразбира две работи – автохтоност на македонскиот народ и на неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет и дека македонскиот национален супстрат го претставуваат Македонците коишто живеат во државата Македонија, но и оние во соседните земји, вклучително и во Бугарија, и во Грција. Сегашниот однос на дел од политичарите, па дури и на историчарите спрема македонизмот предизвика вознемиреност затоа што таквиот однос ја исклучува иднината од минатото, ставајќи ја таквата иднина надвор од историската сензибилност… Македонија се наоѓа во противречна и конфузна положба денеска. За европска иднина со нас, треба да замислиме минато без нас“, рече тој на научната конференција за 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

Според Коцарев, „Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и Преспанскиот договор претставуваат извор на сите наши витални проблеми и значат разнебитување на Македонија“.