Коцарев: Вака повеќе не може!

Ако се изгуби македонската држава, нема да постои државен ентитет да се интегрира во Европската Унија – Така што ЕУ ќе нема што да интегрира, а Македонија што да одбележува и слави, предупредува претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во врска со, според него, непромислените политички одлуки на државниот врв кои водат кон губење на македонскиот идентитет.



За преговорите со Бугарија, Коцарев бара широк политички консензус и изготвување на нов документ во кој со консензус ќе бидат прецизирани црвените линии од кои нема да има отстапки. 

„Ако во изминатите 30 години бевме сведоци на ерозија и на уништување на македонската држава, вклучувајќи ги тука науката, уметноста, културата, образованието, здравството, судството, економијата, јавната администрација, македонската мисла и интелигенција или кажано со еден збор се, тогаш неминовно се наметнува прашањето, како понатаму? Ако секоја досегашна влада нудеше се понови и се поиновативни пристапи во разнебитувањето на македонската држава, зарем не е време да се каже – вака повеќе не може“, вели претседателот на МАНУ.