Коцарев: „Треба да се состави подобар систем, од нула, почитувајќи ги историјата и автохтоноста на македонскиот народ“

„Ние не сме народ без корен, па затоа треба да се спротивставиме на обидите за демакедонизација на Македонија, а од друга страна, предците, нивното творештво, нивните песни обврзуваат.“ – вели претседателот на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев во обемното интервју, кое го објави весникот „Нова Македонија“ под наслов „И предците и иднината нѐ обврзуваат за Македонија.“



Во интервјуто Коцарев, покрај другото, истакнува: „Јазиците не изумреле или не се загрозени затоа што следните генерации избираат слободно да говорат на подоминантен јазик. На нивното изумирање им претходат закони, декрети, забрани, спогодби, договори, или некакви други официјални документи, кои често не се подготвени и донесени во духот на демократијата. Tрите документи: Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и Рамковната позиција на Република Бугарија, како услов за наш влез во ЕУ, го прават точно тоа: создаваат предуслови македонскиот јазик, без наша грижа за него и со наша сестрана помош, да може да изумре во соседните држави.“

„Деновиве многу интелектуалци се обединија во одбрана на автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски милениумски континуитет, нагласувајќи, за што пишував многу минатата година, дека македонскиот јазик, како, впрочем, и сите други јазици, не само словенските – има свој просторен и свој временски континуитет. Поддржувајќи ги овие обраќања, ставови и погледи, свесен за тоа дека тие најверојатно нема да дадат плод и Македонија ќе биде разнебитена, сепак, должен сум, уште еднаш да подвлечам дека, според мое мислење, сржта на идентитетските предизвици со кои денес се соочуваме е Преспанската спогодба.“

„Ако единственоста на македонскиот национален супстрат ја претставуваат Македонците што живеат во државата Македонија, но и оние во соседството (како државјани на соседните земји, па, така, и во Грција и во Бугарија), како и низ целиот свет, ако македонското малцинство секаде и секогаш е еднакво на целиот национален идентитет, ако само земјите-членки на Европската Унија – Бугарија и Грција, се оние држави меѓу соседите на Македонија што не ги почитуваат, односно ги прекршуваат човековите и малцинските права на своите сограѓани од македонскиот етникум, тогаш Преспанската спогодба, e главен извор на сите предизвици, со кои денес се соочува Македонија.“

„Преспанската спогодба е штетна, деструктивна и понижувачка, а и многу правни експерти укажуваат дека е нелегитимна и неуставна. До 2018 година Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Во 2018 г. нашата земја беше именувана како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис, сето тоа беше избришано. Овој факт уште еднаш го потврдува неукиот, сервилен, предавнички, арогантен и геостратегиски погрешен однос на дел од нашите политичари спрема Македонија и нашите стратегиски партнери.“

„Да започнеме, користејќи ги демократските процеси, со ревизија, по можност, на сите документи што го негираат милениумскиот опстој на македонскиот народ и македонскиот јазик во границите на денешна суверена Македонија, но и во сите наши соседни држави. Верувам дека политичките елити ќе соберат сила да ја реконструираат нацијата како колектив обединет со заеднички цели и верба во подобра иднина и покрај различностите.. Ова повлекува изградба на колективна политичка волја, која има цел да состави подобар систем речиси од нула, притоа почитувајќи ги историските процеси и автохтониот карактер на македонскиот народ и македонскиот јазик. Во таква Македонија се надевам дека ќе живеам по десет години.“

Интернет – врска до целото интервју:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/i-predcite-i-idninata-n%d1%90-obvrzuvaat-za-makedonija-2/