На крајот од годинава завршува четиригодишниот мандат на сѐ уште актуелниот претседател на Македонската академија на науки и уметности Љупчо Коцарев. Негов наследник на оваа позиција е академик Живко Попов. Академик Коцарев даде интервју за весникот „Нова Македонија“, кое претставува своевидно заокружување на неговиот претседателски мандат во МАНУ. Интервјуто го водеше Јасминка Павловска.
Каков беше предизвикот да се предводи МАНУ во историско-политички исклучително турбулентен период на промени за Македонија?
Љупчо Коцарев: Во изминатите четири години Македонија се соочуваше, покрај другото, со дивеење на извршната, законодавната и на судската власт и со негирање на постоењето на македонскиот народ и неговиот идентитет, поради Договорот со Бугарија од август 2017 година и протоколите за неговата примена, како и поради Договорот со Грција и промената на Уставот во 2019 година.
Рамковната позиција на Бугарија од октомври 2019 година гласи: „Јазичната норма прогласена како уставен јазик во * Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и на неговите дијалекти во поранешната југословенска република, по нивната кодификација во 1944 година. Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета како признавање од бугарската страна на постоењето на т.н. ‘македонски јазик’, одвоен од бугарскиот.“
Се обидов во минатите четири години да придонесам МАНУ да продолжи да биде водилка во изнаоѓањето достоинствена иднина за Македонија и за нејзините граѓани. МАНУ е еден од темелите на државноста на Македонија
Согледувате ли внатрешен потенцијал да се избориме за нашите стратегиски определби за членство во ЕУ и за соодветна позиција во НАТО, на праведен начин, без рестрикции и други отстапки за националниот идентитет? Каде и како ја гледате перспективата на Македонија?
Љупчо Коцарев: Изразот „или интеграција во ЕУ или изолација“ е празна фраза, манипулација. Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави. Не е ниту Македонија членка на ЕУ и не е изолирана држава. Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ, или изолација“? Можеби сеење страв и раздор? Дали сегашните политички елити ќе почнат со изолација на Македонија, ако не почнат пристапните преговори?
Единствен компромис за можна промена на Уставот, иако токму барањето за таква промена е бесмислено и јас гласно порачувам „НЕ“ за промена на Уставот, би било најпрво признавање од бугарската страна на следните научни факти: (а) постоење на дел од македонскиот народ (македонското етничко малцинство) во Бугарија, (б) македонскиот јазик има просторен и милениумски континуитет и не е бугарски дијалект и (в) Македонците и Бугарите немаат заедничка историја, туку само споделени места во историјата. А потоа, можеби, промена на Уставот.
Договорот со Грција го избриша терминот македонско државјанство од употреба во меѓународното право,. Спроведувањето на Договорот со Бугарија има единствена цел: бришење од употреба на одредницата македонски народ. Дали Македонија ќе опстои, или не, зависи, покрај другото: од опстојувањето во одбраната на научните факти за македонскиот народ и за македонскиот јазик, од градењето на Македонија како граѓанска држава и од воспоставувањето правна и суверена држава.
Можеме да продолжиме да се однесуваме како ништо да не се случува. Ако продолжиме сè поочајно по линија на помал отпор, денешнава Македонија, вака како што се движи, нема да може да опстои, поради новите бесмислени барања и уцени. Или можеме да ги засукаме ракавите и искрено и сериозно да почнеме со вистински промени да градиме суверена, правна и достоинствена Македонија!
целото интервју тука





