„Во пресрет на четиригодишнината од Преспанската спогодба, нема човек во Македонија што не се запрашува: Каде одиш Македонијо? Која е твојата иднина? Секоја држава што својата иднина ја гради врз нелегални и насилно донесени документи – такви се и Преспанската спогодба и промената на Уставот од 2019 година – е осудена на пропаст и нејзината иднина е неизвесна.“ – вели Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Преспанската спогодба – четири години подоцна“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Коцарев пишува: „Можни се четири сценарија за иднината на Македонија. Прво сценарио. Македонија ги започнува набрзо пристапните преговори во ЕУ и, евентуално, во наредните дваесетина години станува полноправна членка на ЕУ. Притоа, Македонците веќе целосно се исчезнати и не постојат, што е извесно дека ќе се случи во две етапи.’
„Прво, поради отпочнување на пристапните преговори, Македонија ќе ги прифати небулозните и ненаучни барања на Бугарија, според кои, Македонците до 1944 година биле Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Второ, поради упорните настојување на Грција да не се користат воопшто именката Македонија и сите нејзини деривати, од една страна, а земајќи го предвид нашето присилно прифаќање на небулозните и ненаучни тврдења дека Македонците и македонскиот јазик се комунистички творби, од друга страна, постепено македонскиот идентитет, Македонија и Македонците ќе исчезнат, како никогаш да не постоеле.“
„Второ сценарио. Македонија одлучно ги одбива бугарските уцени. Но, претпоставувајќи дека Албанија прва ќе ги започне пристапните преговори со ЕУ, ова сценарио, секако, ќе предизвика фрустрација кај овдешните етнички Албанци, кои ќе посакаат земјава да го следи овој пат. Иако Македонија се декларира како мултиетничка, а не двоетничка држава, притисокот на етничките Албанци ќе биде таков, што, евентуално, ќе доведе до реализација на првото сценарио.“
„Третото сценарио подразбира Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава во која царува распуштено, разуздано и бесно однесување, со еден збор вистински башибозук. Македонија се наоѓа на еден чекор до таква состојба. Во Македонија ‘војната’ меѓу партиите и политичките елити веќе подолго време е секојдневно присутна, што доведува до арогантно и насилно однесување на владејачките елити.“
„Во такви услови најдобро се снаоѓаат, во спрега со политиката, криминалните групи. Македонија, исцрпена од таа борба, сѐ повеќе тоне. Поради нашата иднина, мора да престане арогантното и бескрупулозно владеење, што често прераснува во насилно дивеење.“
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/prespanskata-spogodba-chetiri-godini-podocna/





