„Денес е време кога се тагува, време кога се поништува, време кога се понижува, време кога се истребува и време кога се урива, благодарение и на Преспанската спогодба и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Затоа, ако сме барем малку умни и отворени за ука и за одука, настаните поврзани со овие два документа треба, еднаш и засекогаш, да нѐ ослободат од нашите илузии за САД и за ЕУ.“ – вели Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности, во својата колумна со наслов „Сè има свое време“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, Коцарев пишува: „Последните случувања во ЕУ уште еднаш потврдија дека Македонците никогаш нема да бидат дел од ЕУ-семејството, за разлика од државата Македонија, којашто, можеби, во некоја многу далечна иднина ќе биде.“
„Преспанската спогодба, Договорот за добрососедство со Бугарија и настаните поврзани со нив нудат ука да се потпреме на сопствени нозе и раѓаат верба во нас. Ние можеме и не бевме сами: до 2018 година Македонија беше признаена како Република Македонија од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот: Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико. Ние можеме и не сме сами.“
„За Македонците ќе дојде време кога повторно ќе бидеме Македонци од Република Македонија. ‘Сè има свое време и секоја работа под небото има свое време’, па, така, ќе дојде време и Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија да се скинат.“





